Крофните излегуваат толку меки и вкусни, подобри од купечките. Сигурно веќе си имате некој рецепт запишан во вашиот тефтер, но еднаш пробајте ги и овие крофни, сигурно ќе ви се допаднат.
Ова е рецептот на свекрва ми. Убави се и вкусни кога јас ќе ги направам, ама уште поубави и послатки ми се кога таа ќе ги направи.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл млако млеко, 1 свеж квасец (50 г), 1 лажица шеќер, 2 јајца, 50 мл масло, 700-800 г меко брашно, 1 лажичка сол, масло за пржење (околу 1 литар, длабоко масло), 50 г шеќер во прав за наросување на крофните. По желба: еурокрем, џем за полнење.
ПОСТАПКА: Млекото ставете го на оган да се загрее, но внимавајте да не се прегрее. Треба да биде млако, а не прежешко, за да го активира квасецот. Потоа во него разматете го квасецот со малку шеќер. Мешајте додека состојките да се растопат.
Постепено додавајте половина од вкупното брашно и мешајте добро додека состојките да ги соединете во мазна смеса без грутки. Во помал сад разматете ги јајцата со сол, доволно е да ги изматите со виљушка додека да запенат, па додадете ги во смесата, а потоа и маслото.
Промешајте за да се соединат во смесата. Постепено додавајте ја и втората половина од брашното, па сето заедно замесете го со миксерот во доста густо тесто, а сепак меко. Доколку немате миксер за месење тесто, истото можете да го соединете со лажица, а потоа да го довршите месењето со рака.
Тестото одозгора наросете го со малку брашно, покријте го со сува кујнска крпа или кеса/проѕирна стреч-фолија и оставете го на топло место да стасува додека да го удвои својот волумен.
На работната површина наросете малку брашно на која малку ќе го премесите тестото, ќе го наросете повторно со малку брашно за да не се лепи, а сепак да остане меко, и ќе развиете кора со дебелина од 1 см.
Со чаша или модла вадете ги крофните и редете ги на малку наросена површина со брашно и покривајте ги со кујнска крпа. Преостанатото тесто повторно премесете го, развијте го во кора и така сечете крофни додека да ви се потроши целото тесто.
Кога сите крофни ќе бидат исечени, покриени со кујнска крпа или со кеса, оставете ги да одморат, односно да стасаат 20-тина минути. За тоа време тие малку ќе „збувнат” и ќе нараснат.
Крофните пржете ги со страната на која лежеле, сега да биде нагоре. Се пржат на умерена температура во претходно загреано масло. На пример, на 3 од 6. Прво загрејте го маслото на посилно, па намалете на умерено за да се пржат крофните.
Во текот на пржењето регулирајте ја температурата, односно по потреба засилувајте го или намалувајте го огнот. Кога ќе заруменат, свртете ги од другата страна. Вадете ги на хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија.
Кога првпат ќе ги ставите да се пржат, првите две минути можете да ги поклопите со капак (не е задолжително) за да „збувнат” уште повеќе. Сè уште додека се топли можете да ги наросите со шеќер во прав и да ги полните со фил по ваш избор. / Сооlinarika.com