Ова се неодоливи чоколадни штанглички направени со многу вкусни медени кори и чоколаден фил кој никого досега не го оставиле рамнодушен.
Меките корички со мед навистина вредат за трудот, но доколку немате време или трпение за да ги направите, секојпат можете да ги замените со розен кори или бисквити натопени во малку млеко.
Висината на колачот е приближно 5 см, па ако не сакате да биде толку висок, можете да замесите една кора помалку, а да имаат поголем пречник. Во секој случај, не пропуштајте го рецептот за овој колач, запишете си го и при првата можност направете го. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за корите: 500 г брашно + 50-тина г за замесување на тестото, 1 лажичка сода бикарбона или прашок за печиво (5 г), 2 белки, 1 јајце, 50 мл млеко, 50 мл масло, 100 г мед, 80 г шеќер
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 3 кесички пудинг со вкус на чоколадо (120 г), 7 супени лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 2 жолчки, 750 мл млеко, 100 г путер, 100 г чоколадо за готвење, 80 г шлаг (или 120 мл слатка павлака), 120 мл млеко
ПОСТАПКА: Во посебен сад просејте го брашното заедно со прашокот за печиво. Додајте мед, белките и јајцето, масло и млеко, а потоа и шеќер, па сето измешајте го да се соединат сите состојки. Замесете тесто и поделете го на четири приближно еднакви делови. Обликувајте топки приближно со тежина од 200 г.
На хартија за печење нацртајте правоаголник со димензии 25х18 см и развлечете го тестото со тој облик и големина (поклопено со друг лист хартија одозгора). Можете да развлечете и тркалезна кора или облик каков што сакате.
Кората избоцкајте ја со виљушка па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно 7 минути. Испечете 4 кори.
Во тенџере ставете 500 мл млеко, додајте ванилин шеќер и шеќер (седум лажици или по вкус), па промешајте и ставете да се свари.
Во меѓувреме, во посебен сад измешајте ги жолчките со пудингот и 250 мл млеко. Добро соединете за да добиете мазна, хомогена смеса, без грутчиња.
Штом зоврие млекото намалете ја температурата и потргнете го тенџерето на страна, па додајте го разматениот пудинг во тенок млаз со непрекинато мешање. Варете го кремот на ниска температура додека да ја добие посакуваната густина.
Додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и соедини. Врелиот крем претурете го во друг сад и покријте го со проѕирна-стреч фолија за да не фати коричка, па оставете го настрана да се олади до собна температура.
Шлагот помешајте го со 120 мл млеко и пенасто изматете го додека да згусне. Во изладениот чоколаден крем додајте путер омекнат на собна температура, па пенасто изматете додека да се соединат.
Потоа додајте го шлагот (лажица по лажица) и повторно изматете додека сето да се изедначи. Добиената смеса поделете ја на 4 еднакви дела.
РЕДЕЊЕ: На десертна тацна ставете една кора, па премачкјате ја со чоколадната смеса. Поклопете со втора кора и повторно премачкјате.
Продолжете ја постапката додека да го потрошите сиот материјал. Поклопете го колачот и оставете го во фрижидер преку цела ноќ. Деталите погледнете ги ОВДЕ.