Овој старински колач ќе ве воодушеви не само со едноставноста на приготвувањето, туку и со својот неодолив вкус. Потребните состојки веројатно веќе ги имате во кујна, па пробајте го овој колач.

Денес веќе има неколку верзии од него, а ние ви ги предлагаме двата најдобри рецепти. Еве што ви е потребно:

рецепт 1

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 120 г шеќер, 120 мл млеко + 100 мл, 120 мл масло, 200 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (12 г), 60 г ореви.

ЗА ФИЛ: 800 мл млеко, 2 жолчки, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 5 лажици шеќер, 4 лажици скроб/нишесте/густин, 40 г путер, 60 г бело чоколадо

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 7 лажици шеќер, 100 мл млеко, 100 мл масло, 16 лажици брашно, 12 г прашок за печиво (една кесичка) и 10 лажици мелени ореви,

ЗА ФИЛ: 800 мл млеко, 2 пудинг од ванила, 7 лажици шеќер, 2 лажици брашно, 200 г путер, 80 г чоколадо и мелени ореви за наросување.

ПОСТАПКА за рецепт 1: во подлабок сад скршете три јајца, додајте шеќер и ванилин шеќер, па пенасто изматете со миксер додека шеќерот да се растопи и да добиете кремаста густа смеса.

Потоа додека сè уште матите додајте го млекото во тенок млаз, а потоа и маслото. Миксерот веќе не ви е потребен.

Во течната мешавина додајте го брашното помешано со прашок за печиво, па промешајте со кујнска жица-маталка додека да се впие и да добиете хомогена, изедначена мазна смеса, без грутчиња.

На крај додајте ги мелените ореви (за подобра арома претходно можете да ги истостирате).

Уште еднаш промешајте, па смесата излејте ја во плех 40х30 см претходно обложен со хартија за печење. Распоредете и израмнете преку целата површина (треба да е тенка), па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути.

Кога ќе се олади поделете ја на две кори 20х30 см, а остатоците сочувајте ги и сомелете ги или изронете ги со раказа декорација.

Првата кора поставете ја во обрач и натопете ја рамномерно со 50 мл ладно млеко. Оставете ја настрана додека го приготвувате филот.

Во едно тенџере ставете 800 мл млеко, додајте две жолчки, две кесички ванилин шеќер, пет лажици шеќер, 4 лажици скроб, па измешајте со жица-маталка за да нема грутчиња.

Ставете на оган и сварете го кремот со непрекинато мешање додека да ја постигне посакуваната густина. Во кремот додајте две лажици несолен путер и 60 г бело чоколадо, па мешајте додека да се растопат и инкорпорираат.

Половина од филот излејте го врз првата кора, поклопете со втората кора, натопете ја со 50 мл млеко и излејте го остатокот од филот.

Израмнете, наросете ги трошките (од бисквитот) и оставете во фрижидер да се стегне најмалку 3 часа. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: Во подлабок сад за матење скршете три јајца и додајте 7 супени лажици шеќер. Матете ги со миксер додека шеќерот да се растопи и смесата да згусне и побели (5 мин).

Потоа додајте 100 мл млеко и 100 мл масло за готвење. Матете уште 2-3 минути, а потоа оставете го миксерот и додајте ги сувите состојки: 16 супени лажици брашно, 12 г прашок за печиво, а потоа и 10 лажици мелени или ситно сечкани ореви.

Мешајте со жица-маталка додека смесата да стане хомогена. Излејте ја во плех 30х40 см обложен со хартија за печење и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 20-тина минути.

Додека се пече кората, пригответе го филот: во тенџере на рингла ставете 800 мл млеко и додајте две кесички пудинг со вкус на ванила, седум лажици шеќер или по вкус и две полни супени лажици брашно.

Мешајте постојано за да не се создадат грутки, сè додека да се свари кремот и да згусне. Додека сè уште е топол, додадете 200 г путер или маргарин исечен на коцки и 80 г бело чоколадо, па мешајте додека да се растопат и соединат.

Филот оставете го настрана да се лади и повремено промешувајте го.

Печената кора оставете ја малку да подизлади, па пресечете ја на две кори. Поставете една кора (по желба малку натопете ја со млеко за да биде посочна), па врз неа распоредете половина од филот.

Поклопете со втората кора, распоредете го остатокот од филот и одозгора наросете мелени ореви. Колачот оладете го најмалку 2-3 часа во фрижидер пред послужувањето.