Буквално за 10 минути имате појадок на маса, без размесување и чекање да стасува тестото. Само изматете ги сите состојки и после пржете. Постапката е толку лесна и едноставна што секој може да ги направи. Еве што ви е потребно за рецепт 1, а доколку ги сакате без јајца, следете го рецепт 2:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 400 мл цврст јогурт или кисело млеко, 1 мала лажичка сол, 500 г брашно (тип 500), 1 кесичка прашок за печиво (12 г)

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 350-400 мл млака вода, 1 сув квасец (8 г) или 20 г свеж квасец, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка шеќер, масло за пржење. Уштипците може да ги комбинирате со сиренце, сувомеснато, ајвар, хумус или само со јогурт.




ПОСТАПКА за рецепт 1: во подлабок сад скршете две јајца, па додајте 400 г цврст јогурт (или кисела павлака или кисело млеко). Посолете со една мала лажичка сол, па промешајте со лажица или кујнска шпатула. Мешајте додека состојките да се изедначат.




Започнете постепено да го додавате брашното помешано со прашок за печиво. Продолжете со мешање сè додека да добиете густа, хомогена смеса. Смесата треба убаво да се вади со лажица, да не е премногу густа, ниту премногу течна.




Во тава за пржење сипете приближно 200 мл масло за готвење (да се прекрие дното) да се загрева на умерена температура. Кутлачата со која ќе црпите од тестото добро намастете ја во загреаното масло. Црпнете од тестото и со помош на друга лажица спушетете го тестото во маслото и што потенко развлечете го.




Колку се потенки, толку се подобри уштипците. Штом заруменат од долната страна, свртете да се испржат и од другата страна. По потреба намалувајте ја температурата. Пржените уштипци вадете ги врз чинија обложена со хартија за печење. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а следи постапката и за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: За овие уштипци не треба месење, сите состојки се мешаат и потоа се пржат во масло, всушност тестото се спушта со помош на лажица. На овој начин се спремаат оригинално, не излегуваат многу масни и навистина се многу вкусни.




Во еден подлабок сад каде што треба да го замесите тестото ставете малку вода, околу 100 мл, а потоа додајте го квасецот, сув или издробен ако е свеж. Додајте 2 лажици брашно и 1 мала лажичка шеќер. Измешајте ги состојките додека да се соедини смесата, а потоа оставете смесата да се запени, додека квасецот да се активира.




Кога квасецот, ќе биде подготвен, додајте го остатокот од водата, напрво додајте уште 250 мл, па потоа додавајте го постепено брашното, додека постојано месите со дрвена лажица. Додека мешате внимавајте тоа да не биде премногу тврдо или течно.




Кога вака ќе го подготвите, при крајот додајте сол и измешајте. Покријте го тестото со памучна крпа и оставете да отстои додека да се удвои двојно од својата величина. По изминатото време, промешајте го уште малку и оставете да отстои уште 15 минути додека да подигне пак.

За тоа време може да си подготвите масло во тенџере, да биде подлабоко и да оставите да се загрее. Црпете од тестото со лажица претходно натопена во маслото и спуштајте ги во загреаното масло. Пржете ги уштипците додека да поруменат, прво од едната, а потоа од другата страна.

Вадете ги на чинија со хартиена салветка за да се исцедат од вишокот масло. Доколку ги сакате благи уштипците, може да ги наросите одозгора со шеќер во прав. И на тој начин многу се вкусни, буквално може да ги комбинирате со што и да сакате.