Јас како „смотана“ ги обожавам едноставните рецепти, а овој е токму таков, со многу лесна постапка, кој секој може да го направи. Наместо јафа кекси (ресана) може да се наредат крем бананчиња по две една до друга, па кога ќе се исече ролтот, наликуваат на мачкини очи.




Всушност, од оваа една смеса, доколку сте креативни, може да ја искористите на сто начини. Во средината може да ставате што ви е вам по желба, од банани и друго овошје, до желе бонбони во разни бои. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени бисквити (плазма, бевита или некои по ваш избор, може и со какао), 125 г несолен путер или маргарин, 100 мл млеко (за посна варијанта сок од портокал), 50 г јафа кекси/6 парчиња + 1 кесичка ванилин шеќер по желба




ПОСТАПКА: Во подлабок сад измешајте 300 г мелени бисквити со една кесичка ванилин шеќер, а доколку сакате поинтензивна арома на ванила, ставете една лажица екстракт. Путерот исечкајте го на помали парчиња и растопете го во микробранова печка или на ниска температура.




Додајте го растопениот путер во мелените бисквити и промешајте со лажица или кујнска шпатула за да се впие, а потоа постепено започнете да го додавате млекото. За оваа количина ќе ви биде потребно приближно 100 мл млеко, но сами ќе оцените според конзистенцијата.




На почетокот мешајте со лажица, а потоа преминете на рачно месење додека да добиете убава мазна и компактна смеса која лесно се обликува со рака. Не треба да биде ниту премногу сува (да не се рони), ниту премногу влажна/леплива.




Не треба да ја оставате во фрижидер да одмора, туку веднаш истресете ја врз парче проѕирна фолија и со помош на дланките обликувајте тенка правоаголна кора, со дебелина приближно од 5-7 мм, но може од неа да обликувате и облици по ваша желба.




Во средината на кората наредете ги јафа кексите кои можат да бидат со вкус на портокал, јагода или малина, а потоа со помош на фолијата опфатете ги двата краја и завиткајте ја кората во облик на ролат.




Вака обликуваниот ролат добро спакуван во фолијата, уште малку дообликувајте го со рацете, па оставете го во замрзнувач да се стегне 15-20 минути, но не подолго од тоа. Потоа извадете го и сечете парчиња со дебелина од приближно 1.5 см. Деталите погледнете ги ОВДЕ.