Рецепт и видео презентација на „Домашни Рецепти” – Една од наједноставните торти: ТОРТА ЗА 15 МИНУТИ
Една од наједноставните торти во светот. Може да ја направите било кога, а покрај тоа што се приготвува многу едноставно и брзо, во неа ќе уживате со секој залак.
Овошјето може да биде по избор, но највкусно е со малини и други бобинки, па така и количината на шеќерот може да варира во зависнот од тоа колку слатка сакате да ви биде тортата.
Потребни состојки: 500 мл слатка павлака, 400 г кисела павлака, 150 г шеќер во прав, 500 г мелени бисквити, 500 г смрзнати малини +100 мл млеко ако бисквитите се суви
Постапка: Можете да купите готови мелени плазма кекси, но доколку кексите ви се цели, најпрво сомелете ги за да бидат подготвени пред започнување со постапката. Во подлабок сад со електричен миксер изматете ја слатката павлака додека да добиете шлаг, неколку минути.
Во посебен сад ставете ги киселата павлака и шеќерот во прав, па и нив изматете ги со миксерот додека да се соединат во изедначена смеса.
Добиената смеса која малку ќе стане течна, излејте ја во изматениот шлаг од слатка павлака и промешајте со жица маталка.
Кога ќе ги соединете двете смеси, додадете ги мелените кекси, па внимателно и полека промешајте за да се соедини.
Густината на оваа смеса зависи од тоа колку кексот бил сув или „влажен”, односно колку тој во себе ќе апсорбира влажност.
Доколку сметате дека смесата ви е многу густа, тогаш додајте малку млеко и повторно промешајте за да се разреди до посакуваната густина.
Во спротивен случај, доколку ви се чини дека смесата е премногу ретка од што е потребно, додајте уште малку мелени кекси.
Во мојот случај смесата беше погуста, па додадов околу половина чаша млеко (100 мл) за да омекне. Уште еднаш убаво се промешува за да се соединат состојките и изедначи смесата.
На крај додајте ги малините кои мора да бидат смрзнати, за да може полесно да се измеша, а тие да останат цели, да не се распаднат.
И толку, за 5 минути смесата за тортата е готова. Вака приготвената смеса ставете ја во некој калап обложен со проѕирна фолија или како во мојот случај, тацна за послужување со обрач. Излејте ја целата смеса која многу лесно се обликува.
Рамномерно распоредете ја, внимавајте да не ви останат празнини и израмнете. Потоа само извадете ја од фолијата или во мојот случај, отстранете го обрачот. Приготвената торта ставете ја во фрижидер или во замрзнувач дополнително да се стегне и олади.
На тортата можете веднаш да ставите декорација, или откако добро ќе излади во фрижидер 2-3 часа, или за побрзо, еден час во длабоко замрзнување.
Најдобро одговара изматен шлаг или слатка павлака. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.