Обичајот за миење со вода во која има натопено цвеќе потекнува од старословенско верување, паганизам.

Во чест на пролетта, новата движечка сила, создавачка сила која раѓа и буди после долгата и неплодна зима.

Се верувало во моќта на водата и моќта на цвеќето.

Се миеле со ваква вода со верување дека лицето ќе стане поубаво, а се миеле и млади девојки и момци.

На Цветници некогаш се кителе и бунари, извори на вода. Како и некои други пагански обичаи, така и ова е преземено од христијанството.

ЦВЕТНИЦИ

Цветници (Цветоносна недела или Врбица) — христијански празник во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот. Денот на празнување секогаш е една недела пред Велигден.

Во Македонија овој празник се празнува различно. На пример во гостиварско Зубовце, на овој ден младите невести, девојките и девојчињата со кошници во рацете, одат на прошетка во селските ливади. Берат цвеќиња.

Прават толку цветни кивчиња колку што има членови во нивната фамилија. Прават и една поголема китка за куќата која, по враќањето дома, ја оставаат пред домашната икона.

По берењето на цвеќињата и при правењето на китчињата, младите невести, девојките и девојчињата пеат:

Ајде Цвето на цвеќе, Лазаре

Цвеќе да си береме, Лазаре,

Китки да си китиме, Лазаре,

Кому китка по китка, Лазаре,

На Лазара пет китки, Лазаре.

Младите невести, девојките и девојчињата со китките во раце пеат и други песни и играат.

На Цветници именден чекаат лицата кои ги имаат следниве имиња:

  • Цветан, Цветко, Цвета, Цветанка
  • Трендафил
  • Каранфил
  • Роза
  • Ружа
  • Босилка
  • Невена
  • Јасмин, Јасмина
  • Виолета
  • и други