Пред многу години на една телевизиска емисија беше претставен овој рецепт за свечена торта која според состојките е осмислена да носи среќа во домот и семејството или за среќен почеток на некоја работа. Па, затоа најчесто се приготвува за Нова година, важни празници, родендени но, и преку целата седмица, за отпочнување на успешен работен ден.
Оваа торта не се пече и готова е за половина час, единствено што треба да почекате е да отстои во фрижидер за да се стегне. Исто така, во овој рецепт се користат разни јаткасти плодови и суво овошје, а според сопствениот вкус истите може да ги менувате. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г суви сливи, 100 г суво грозје, 100 г суви кајсии, 100 г тостирани кикирики, 70 г ореви, 400 г слатка павлака стоплена на собна температура, 300 мл кондензирано млеко на собна температура, 300 г бисквити или кекси по ваш избор.
СОВЕТ: наместо слатка павлака и кондензирано млеко може да употребите јогурт и плазма кекси во однос 1:1, со додаток на малку шеќер по вкус)
ПОСТАПКА: Сувото овошје прелијте го со топла вода и оставете го некое време додека да се хидрира и да набубри. Во сува тава истостирајте ги несолените, сирови кикирики. Загревајте ги на умерена температура додека сосем малку да се потпечат и да замирисаат убаво.
Оставете ги настрана да се оладат. Потоа сувото овошје процедете го од водата, па исечкајте го на поситни коцкички (сувите кајсии и сливите). Ситно исечкајте и 70 г ореви (може да ги иситните и во блендер). Кога ќе се оладат излупете ги кикириките од лушпата.
Во подлабок сад ставете 400 мл течна густа павлака 25% (ако е многу густа, оставете ја да омекне на собна температура за полено да се меша), па додајте 300 мл кондензирано млеко (исто така, во течна состојба). Промешајте со шпатула додека двете состојки да се изедначат.
Во течната смеса додајте 300 г бисквити или кекси по ваш избор (ако се големи -искршени на помали парчиња), кикириките, оревите, сувото грозје, сечканите суви кајсии и сечканите суви сливи.
Промешајте додека убаво да се соединат состојките. Целата смеса излејте ја во некој помал калап за торти претходно обложен со проѕирна-стреч фолија (може и некое тенџере или каков било калап по ваш избор). Рамномерно распоредете и израмнете. Оставете го колачот во фрижидер 24 часа. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.