Ако немате идеја што да направите за прилог, тогаш одберет го овој. Компир и спанаќ ги среќаваме во комбинација за салата, но пробајте ја оваа подобрена верзија, прелиени со бешамел сос и запечени.

Меко и сочно, а може да се додаде и кашкавал па ќе биде уште повкусно.

Потребни состојки за помал плех:

5 компири со средна величина

300 г спанаќ

1 лажица сув зачин

50 мл масло

1 лажица брашно

300 мл млеко

200 мл вода

малку сол и црн пипер

Постапка:

Компирот излупете го и исечете го на подебели кругови, па ставете на оган да се провари. Варете го 5-10 минути, па тргнете од оган – не треба да ви се распадне. Но, па и да ви се распадне, ништо страшно, одиме понатаму.

Процедете го компирот. Загрејте масло, па додадете брашно и пржете малку, неколку минути. Залијте со млеко и вода, па повторно мешајте.

На крај додадете сув зачин, прстофат сол и црн пипер и промешајте. Треба да биде ретко, бидејќи овој дел од водата ќе испари во текот на печењето.

Ставете вода на оган да проврие, па ставете го спанаќот и оставете да проврие 2-3 минути.

Процедете го спанаќот и додадете го во сосот и промешајте.

Тепсијата, најдобро огноотпорен сад или керамичка тава – премачкајте ја со масло, па ставете половина од компирот, прелијте со половина од сосот, повторно ставете компир, и прелијте со остатокот од сосот.

Компирот треба да плива во сосот. Додека тоа го правите рерната нека ви биде вклучена на 200 степени да се загрева. Ставете да се пече, не помалку од 30 минути и не повеќе од еден час – вие сами ќе процените кога е готово.

Пред крајот одозгора можете да изрендате кашкавал и да го запечете.