Фото и рецепт: Наталија Милодановиќ

Не сакам да претерувам, ама овие мус коцки навистина се совршенство без мана. Комбинацијата од вкус, текстура, слоевите во визуелна смисла… сè е чиста десетка! Ова е колач кој ќе ве магепса и со изглед и со вкус.

Потребни состојки:

180 г путер
100 г чоколадо за готвење
4 јајца
100 г шеќер
4 лажици остро брашно
½ кесичка прашок за печиво (6 г)

за мус од портокал:

2 јајца
100 г шеќер
350 мл сок од портокал
кора од 1 портокал
10 г желатин (1 кесичка)
300 мл слатка павлака

за чоколаден мус:

2 јајца
50 г шеќер
200 г чоколадо за готвење (со поголем % какао)
500 мл слатка павлака

за глазура:

100 г чоколадо за готвење
50 г путер
3 лажици масло
1 лажица вода

Постапка:

Путерот и чоколадото искршено на коцки растопете ги на пареа или на многу тивок оган. Оставете да излади. Одвојте ги белките од жолчките.

Жолчките со шеќерот пенасто изматете ги со миксер додека да згусне и побели смесата. Додадете го изладеното чоколадо со путер и уште еднаш убаво изматете за да се соедини. Потоа додадете брашно помешано со прашок за печиво и изматете да се соедини.

Маталките убаво измијте ги и избришете ги за да ги изматите белките со прстофат сол. Кога ќе добиете цврст снег, со шпатула внимателно додадете ја претходната чоколадна смеса и внимателно промешајте да се соедини, но смесата да остане воздушеста.

Плех со димензии 30х20 см малку намастете го и набрашнете го, па во него излејте ја смесата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути. Печената кора оставете ја да излади.

Мус од портокал: Измешајте го желатинот со 4 лажици ладна вода и оставете да набубри. Со жица измешајте ги јајцата, шеќерот, сокот од портокал и ренданата кора, па ставете го садот на пареа и сварете ја смесата со постојано мешање додека да почне да се згуснува, околу 15 минути.

Тргнете од оган, па додадете го желатинот растопен на најтивок оган. Добро измешајте и оставете да излади.

Посебно изматете ја слатката павлака во шлагот, внимавајќи да не ја прематите, па со лажица лесно вмешајте ја во млакиот крем. Кремот распоредете го врз печената кора и ставете во фрижидер додека го подготвувате чоколадниот крем.

Напомена: може да користите и свежо исцеден сок од портокал, но и купечки, но секако кремот ќе биде повкусен со природен свеж сок.

За чоколаден мус: со жица добро изматете ги јајцата со шеќерот, па ставете го садот на пареа и варете со постојано мешање 5-10 минути додека да се сварат и згуснат. Потоа додадете го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и добиете мазен чоколаден крем.

Тргнете од оган и оставете да излади. Посебно изматете ја слатката павлака во шлаг, внимавајќи да не ја прематите, па со шпатула полека додадете ја во млакиот чоколаден крем.

Напомена: Внимавајте чоколадниот крем да не врел зошто од топлината ќе ви се разводни шлагот. Кремот распоредете го врз изладениот крем од портокал и ставете го колачот во фрижидер додека ја приготвувате глазурата.

Глазура: Сите состојки растоепете ги на пареа со постојано мешање. Почекајте 5 минути малку да излади, па со глазурата прелијте го колачот. Одозгора можете да декорирате со рендана кора од портокал, парчиња портокал или по желба.

Mysticcakes.com