Ако се мислите што да подготвите за денешниот ручек, оваа пита може да биде голем спас. Без чекање на тестото да стасува и со брзо замесување, направете ја оваа пита со месо. Питата е многу сочна, а филот кој се подготвува со мелено месо, не се готви претходно.




Сѐ што треба да направите е да ги измешате состојките за тесто, а потоа да ги измешате состојките за филот. Потоа, се реди и се премачкува филот врз тестото и се става на печење, пишува НМД. Еве што ви е потребно за да ја подготвите питата:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 100 мл кефир/јогурт, 220 г путер, 100 г мајонез, 1 лажиче шеќер, 1 лажиче сол, 10 г прашок за печење (1 кесичка). ЗА ФИЛОТ: 500 г мелено месо, 2 компири, 2 главици кромид, сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка, 50 мл масло. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 жолчка и млеко.




ПОСТАПКА: Кефирот, путерот и мајонезот оставете ги да отстојат на собна температура минимум 1 час пред подготовка на питата. Во еден подлабок сад ставете го путерот и испасирајте го со виљушка. Одозгора, додајте го брашното и соединете ги состојките додека да добиете ронлива смеса.




Направете вдлабнатина на средина на смесата и додајте го кефирот, мајонезот, шеќерот, солта и прашокот за печење. Започнете нежно да ги мешате состојките, додека да започнат да се соединуваат. Обликувајте тврдо тесто, нелепливо под прсти.




Вака замесеното тесто завиткајте го во пластична фолија или кеса и ставете го во фрижидер, да се стегне половина час. Кога тестото ќе се стегне, ќе биде полесно за развлекување. Во меѓувреме подгответе го филот. Ставете го меленото месо во еден сад, а настрана исечкајте ги на покрупни коцки компирите и кромидот.




Додајте ги во меленото месо, па зачинете по вкус со сол, црн пипер и црвена зачинска пиперка. На крајот додајте го маслото и соединете ги состојките со рака. По изминатото време, извадете го тестото од фрижидер и поделете го на два еднакви делови.




Земете еден огноотпорен сад и според неговата големина, развлечете ги двете теста. Првата кора ставете ја со помош на оклагија на дното на садот. По потреба исечкајте ги краевите кои што висат, за да се израмни основата. Малку натапкајте, па одозгора распоредете го филот со меленото месо.




Врз израмнетиот фил, со помош на оклагија се излева и втората кора и добро се натапкува, а краевите се пикаат кон внатре во тестото, како да местите постелнина. Измешајте една жолчка со малку млеко и одозгора премачкајте го тестото. Потоа, со виљушка направете шари врз тестото (како декорација) и по желба на неколку места наросете со мак-семе од афион.

Ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 190 степени, 45-50 минути. По изминатото време, питата се остава малку да се олади, па потоа исечете ја на коцки и послужете ја. Забелешка:

Забелешка: По желба, во филот може да ставите и рендан компир и ситно сечкан кромид. Како што е опишано погоре во рецептот, крупно сечканиот кромид и компир даваат посебен вкус на питата и делува многу посочна. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.