Здраво на сите, се надевам дека сте добро. Денес ќе ви покажам како се приготвуваат највкусните погачици во свет. Сите што ги пробале досега беа воодушевени, но и мене ми се фаворитни. Се приготвуваат како и другите погачи со киснето тесто, но се филуваат со многу вкусна и необична мешавина која нема да ве остави рамнодушни. Еве го рецептот:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 1 лажица шеќер (20 г), 1 коцка свеж квасец (42 г) или 1 супена лажица сув квасец, 100 мл топла вода (половина чаша), 200 мл топло млеко (една чаша), 100 г гогурт/кисело млеко (2 супени лажици), 1 лажичка сол (8 г), 660 г брашно
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 3 големи компири, 25 г путер (1 супена лажица), 50 г чедар или друг кашкавал по желба, по 1 лажичка црн пипер, нане, мајчина душичка и сол. ЗА СОС: 3 чешниња лук, 45 мл маслиново масло, 1 лажичка црвен мелен пипер. И УШТЕ: 100 г рендан чедар кашкавал (или друг, по вкус).
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење ставете 1 лажица шеќер, со прсти изронете го квасецот, па додајте млако млеко, млака вода, цврст јогурт/кисело млеко кое претходно отстојало на собна температура и лажичка сол. Промешајте со жица-маталка за да се растопат состојките.
Потоа додајте го брашното и промешајте со лажица или шпатула додека да се впијат течните состојки, а потоа месењето продолжете го со рака. Тестото е меко и малку лепливо, но такво треба да биде (не додавајте повеќе брашно). Откако ќе формирате топка, покријте го со стреч-фолија и оставете го да ферментира најмалку 40 минути на собна температура.
За тоа време подгответе го филот: земете три поголеми компири, измијте ги со ладна вода и излупете ги, а потоа исечете ги на крупни коцки. Прелијте ги со вода колку да се покријат, а потоа ставете ги да се варат на умерена температура. Гответе ги додека да омекнат (како за пире).
Процедете го вишокот вода и компирите префрлете ги во длабок сад, па додајте 50 г рендан кашкавал и зачини по ваш вкус. Испасирајте ги компирите заедно со кашкавалот и зачините додека да добиете компактна, хомогена смеса.
После 40 минути тестото треба да биде убаво стасано. Наросете го со малку брашно и истресете го врз малку набрашнета работна површина. Премесете го и обликувајте валјак. Поделете го на 9 еднакви делови.
Формирајте топчиња, а потоа секое топче малку сплескајте го во кора со величина на тацна. Од претходно приготвениот фил со компири формирајте мали топчиња со големина на пинг понг топче, па ставете го на средина од кората.
Со помош на прстите спакувајте го филот со кората од сите страни, така да не може да истекува при печењето. Повторно формирајте ја погачата во форма на топче. приготвените погачици редете ги во плех обложен со хартија. Оставете ги да одморат додека го приготвувате преливот.
За прелив: ситно исечкајте го лукот или изрендајте го/испасирајте го, додајте маслиново масло и црвен пипер. Промешајте. Натопете ги прстите во преливот, па боцкајте ги одозгора погачиците и на тој начин натопете ги. Одозгора наросете ги со рендан кашкавал.
Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути. Кога се печени, додека сè уште се топли можете да ги притиснете со кујнска шпатула и да ги поделите на половина. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.