Ако имате мелено месо и уште неколку состојки во кујната, не пропуштајте да приготвите некои од следниве кратки рецепти за брзи но многу вкусни јадења со мелено месо. Некои идеи се толку генијални, што веруваме дека со сигурност ќе ги испробате.
I РЕЦЕПТ: Ќебапи – прсти од мелено месо
Потребни состојки: 800 г мелено месо, третина лажичка мелен црн пипер, 1 лажичка сол, 1 лажица пченкарно брашно, 1 лажичка црвен пипер во прав, 2 лажици кисела павлака, 100 мл млеко, 1 јајце, 100 г кромид
Постапка: во подлабок сад ставете го меленото месо и додајте ги сите зачини, киселата павлака, млекото, јајцето и кромидот исечен на покрупни парчиња. Со рачен блендер измиксајте ја целата смеса додека да се изедначат состојките и да добиете хомогена смеса.
Вака добиената мешавина од мелено месо и зачини складирајте ја во готварска кеса (за шлаг или тулумби, па истискајте ги ќебапите во загреана тава на малку масло. Печете ги ќебапите по две минути од секоја страна додека убаво да заруменат.
II РЕЦЕПТ: Бризол-тортиља со мелено месо и зеленчук
Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 лажичка сол, една третина лажичка црн мелен пипер, јајце, малку копар, 200 г краставички, 200 г домати, 5 гранчиња свеж копар (мирудија), 2 чешниња лук, половина лажичка сол, 2 лажици кисела павлака
Постапка: во подлабок сад ставете го меленото месо, додајте сол и црн пипер, па замесете го со рака. На работна подлога ставете проѕирна стреч-фолија. Од месото откинете количина колку за едно ќофте, формирајте топче и ставете го врз фолијата.
Одозгора поклопете го со друго парче фолија и притиснете со рака. Дополнително обликувајте со оклагија, да добиете круг од мелено месо како палачинка. Во посебен сад изматете едно јајце и додајте зачин по вкус.
Јајцето излејте го во нелеплива тава, а врз него внимателно нанесете ја „палачинката“ од мелено месо, така што постепено ќе ја одлепите од фолијата. Тавата ставете ја на оган и загревајте на умерена температура. Печете по 3 до 5 минути од двете страни.
За зеленчуково полнење: исечете ја краставицата на коцки со величина на залак, а исто така и доматот. Свежиот копар ситно исечкајте и додајте го во зеленчукот. Низ преса истискајте две чешниња лук (или многу ситно исечкајте ги) и додајте ги.
Посолете по вкус и додајте две лажици кисела павлака. Промешајте убаво за да се изедначат состојките. Со една полна супена лажица филувајте ги „тортиљите“ и виткајте ги. За послужување: пресечете ги на половина.
III РЕЦЕПТ: Отворени мантии / отворени печива со мелено месо
Потребни состојки за тесто: 1 лажичка сол, 130 мл топла вода, 2 јајца, 380 г брашно. За фил: 600 г мелено месо, 1 лажичка сол, една третина лажичка мелен црн пипер, половина лажичка коријандер, 1 лажичка цврн мелен пипер, 200 г мелен кромид, 50 г путер
Постапка: во подлабок сад ставете лажичка сол, топла вода, две јајца и промешајте со жица. Потоа додајте го брашното и замесете со рака додека да добиете компактно, малку потврдо тесто. Оставете го во сад и затворете го со фолија да одмори околу половина час.
За тоа време подгответе го меленото месо: ставете го во подлабок сад, додајте сол и црн пипер, црвен пипер и коријандер, па на крај додајте мелен кромид. Убаво измесете ја смесата со раце додека да се изедначат состојките.
На набрашнета работан површина (и оклагијата набрашнете ја) истресете го тестото и развлечете го во тенка правоаголна кора. Потоа со остар н ож исечете ја кората на коцки. На секоја коцка ставајте по една лажичка од мешавината од мелено месо.
Со прстите опфатете ги двата краја од квадратот и направете еден вид на чамче. Постапката повторете ја со сите парчиња. Вака спакуваните отворени „мантии“ наредете ги во тепсија претходно намастена со 50 г путер.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 25 минути. Послужете ги топли со доматен или сос по ваш избор. деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Догледајте го, има уште два интересни рецепта.