Колачов ќе ви се допадне не само со неговиот прекрасен вкус и неодолив мирис, туку и поради едноставноста со која се приготвува. Само погледнете ги состојките и сè ќе ви биде јасно. Нема многу калории, а има перфектен вкус.
Главните состојки на овој колач се всушност јогуртот (густ како павлака) и јаболката. Покрај тоа, како дополнување на вкусот се користи и 1 лажичка кокосово масло (ако немате, може обично), ванила и бадеми. Секако, наместо бадеми може да ставите и други јатки, ореви или лешници, но оригиналната верзија е таа.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 700 г густ „грчки“ јогурт или кисела павлака, 70 г брашно, 25 г скроб/нишесте/густин, 100 г шеќер, 1 чајна лажичка течен екстракт од ванила (може и ванилин шеќер), малку кокосово масло, 2 јаболка, истостирани бадеми, шеќер во прав
ПОСТАПКА: Во посебни садови одвојте ги белките од жолчките (јајцата претходно добро е да отстојат на собна температура). Во друг сад ставете 700 г густ јогурт како павлака и додајте 70 г просеано брашно помешано со 25 г скроб.
Промешајте со лажица или шпатула додека да се изедначат состојките и да добиете убава мазна, хомогена смеса без грутчиња. Потоа во жолчките додајте 100 г шеќер (околу 7 супени рамни лажици) и 1 чајна лажичка течен ванилин екстракт.
Изматете добро со жица-маталка или со виљушка додека убаво да се изедначат жолчките и шеќерот. Потоа белките пенасто изматете ги со миксер додека да добиете цврст и густ снег.
Во снегот од белки додајте ја полутечната смеса од жолчки и шеќер. Промешајте нежно со шпатулата/лажицата, со превртување на смесата од долу-нагоре за да се сочува нејзината пенливост.
Потоа, оваа смеса додајте во изматениот густ јогурт со брашно. Соединете ги двете смеси на ист начин како што ја соединивте и претходната: со нежно превртување од долу-нагоре додека да дојде до изедначување. Смесата треба да остане кремаста.
Тркалезен или правоаголен калап за торти со флексибилен обрач обложете го со хартија за печење (дното и ѕидовите), па намастете го со малку кокосово масло (или обично). Две јаболка измијте ги, излупете ги, исчистете ги од семките и тврдите делови, исечете ги четвртини и наросете ги со малку лимонов сок за да не потемнат.
Потоа исечкајте ги на тенки плочки. Половина од смесата за тесто излејте ја во калапот и рамномерно распоредете ја. Откако ќе ја израмните површината, одозгора наредете тенки плочки од јаболка. Потоа распоредете ја втората половина од тестото и повторно наредете плочки од јаболка.
Вака наредената торта ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 60-70 минути. Во меѓувреме истостирајте ги бадемите: исто така исечени на ленти, пропржете ги во сува тава додека малку да замирисаат. Печената торта малку изладете ја, па наросете ја со шеќер во прав и бадеми. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.