Периодов гледам има многу настинки, болниците се преполни, владее грип, на сите страни шмркаат, каде и да се јавам некој е болен со непријатна кашлица…

Па еве еден рецепт кој дома кај нас веќе редовно го правиме и кога е потребно само го вадиме од полица. Кашлицата како со рака однесена… На мојот Боби му помогна, па можеби ќе му помогне и на некој друг.

Потребни состојки:

200 г шеќер

250 мл вода

6 поголеми листови ловор

6 прстофати сува жалфија во прав иситнета

1-2 цели ореви во лушпа, со ножот начнати и преполовени

Постапка:

Прво во еден сад карамелизирајте го шеќерот. Додадете ја приготвената вода и мешајте додека да зоврие и карамелот да се растопи.

Додадете го ловоровиот лист и жалфијата и преполовените ореви комплет со лушпата (претходно оревот измијте го).

Оставете полека на тивок оган да врие поклопено околу 10-15 минути.

Исклучете, па трегнете на страна и оставете да излади заедно со сите состојки во него.

Најдобро е ако можете да го оставите да отстои 24 часа додека сите состојки не ги испуштат сите свои лековити сокови и сите тие убаво да се спојат.

Ако немате толку време, нека отстои вака барем 2-3 часа, но веднаш пригответе нова тура која ќе отстои подолго време.

Откако ќе отстои 24 часа процедете го во стаклена тегла и добро затворете со капак. Има густина на сируп.

Употреба: 2-3 пати на ден по 1 чајна лажичка.

Навистина помага да се смири кашлицата, да созрее и лесно да се искашла.

Добро е болниот да се тера да искашлува и да му се помогне да се сврти во лежечка позиција на стомак, главата пониско од нозете и лесно да се тапка со врвовите од прстите по грбот (исто како што сте тапкале сликички во детството, со мала вдлабнатинка во дланката).

На овој начин, особено кај децата се овозможува одлепување на слузта и полесно нејзино исфрлање.

Ова го препорачуваат и пулмолозите и педијатрите за мали деца кои не можат сами да се искашлаат, па доколку не знаете како треба замолете го вашиот педијатар да ви помогне.

Овој домашен сируп го помага процесот на исфрлање.