Имам два рецепти за Млечник: првиот е само од 4 состојки, а вториот со кори.

РЕЦЕПТ 1

Фото и рецепт: Рита

Многу ја сакам оваа слатка која некогаш ја правеа мојата баба и мама.

Потребни состојки:

1 литар млеко
6 јајца
8 лажици шеќер
4 лажици брашно

Постапка:

Млекото и шеќерот ставете ги на оган за да се растопи шеќерот. Потоа тргнете го садот на страна.

Изматете ги јајцата со жица, додадете го брашното, па мешајте додека смесата да се изедначи.

Излејте ја смесата во млакото млеко и промешајте добро. Оваа смеса излејте ја во намастен плех со средна величина и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, околу еден час.

Печениот млечник извадете го и оставете го да излади, па сечете го на парчиња и послужете го. Може да се додаде шлаг, овошје, топка сладолед, а јас го сакам така, без додатоци.

РЕЦЕПТ 2

Рецепт: Данка

Ова е многу стар рецепт од моите баби и мајка, а за нас децата тоа беше многу вкусна слатка. Разликата од денешниот рецепт и тогашниот е секако во корите. Тогаш нашите мајки знаеја да сукаат многу тенки кори кои ги потпекуваа одозгора врз шпоретот на дрва, а денес го правиме со готови кори.

Потребни состојки:

500 г готови кори
8-10 јајца
2 литри млеко
700 г шеќер
масло по потреба – не многу

Постапка:

Корите се оставаат од вечер малку да се потсушат.

Се одделуваат 6 кори и по три се попрскуваат со масло и се завиткуваат во ролат. Се прават 2 ролата и се ставаат по крајот на тепсијата.

Останатите кори се кршат и се ставаат во средина во тепсијата и малку под ролатите и се наросуваат со малку масло.

Јајцата се матат добро со шеќерот и се ставаат во млекото, добро се промешува и се полеваат корите.

Се става да се пече во загреана рерна на 220 степени околу еден час или добро да зарумени.

Кога ќе се испече многу е интересно, се дува, се дува (расте) уште да излезе од тепсијата – од јајцата и млекото. Штом добро ќе зарумени, готово е со печењето и се остава да излади.