Чоколадните колачи на сите им се омилени, но после мрсната зимска храна многумина сакаат да се почестат со некој лесен, освежителен десерт. Токму таков е овој рецепт за млечни колачи со Орео бисквити кои се направени од основни состојки, а имаат неодолив вкус и се од оние „лапни-голтни“.
Се валаат во мелени бисквити, а одозгора се поклопуваат со едно Орео парче, но тоа може да биде било кој друг чоколаден бисквит по избор, како на пример јафа/ресана. Со вториот рецепт се приготвуваат исто така, млечни колачи со пудинг и бисквити, многу брзо и лесно како првиот, но вие одлучете кој повеќе ви се допаѓа. Еве што ви е потребно за првиот рецепт:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 500 мл млеко, 100 г шеќер, 2 лажици брашно, 2 лажици пченкарен скроб, 20 г путер, 8 г ванилин шеќер, Орео кекси или некои други чоколадни бисквити.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 30 г пченкарен скроб/нишесте/густин, 20 г сенаменско брашно, 100 г шеќер, 600 мл млеко, 1 полна супена лажица путер, 1 лажичка екстракт од ванила и кокос за валкање. ЗА ГЛАЗУРА: 50 мл слатка павлака и 60 г чоколадо.
ПОСТАПКА: Во тенџере истурете го млекото, па ставете го шеќерот, ванилиниот шеќер, брашното, скробот и измешајте со жица/маталка. Ставете го тенџерето на рингла и гответе на средна температура додека да се згусне со постојано мешање.
Тргнете го пудингот од оган, па додајте го путерот и мешајте додека да се растопи во врелиот крем. Земете 3 чаши, премачкајте ги малку со вода и излејте ја смесата подеднакво во сите три чаши (или во 4, зависи колкави се чашите). Израмнете го пудингот одозгора.
Затворете ги чашите со проѕирна фолија. Прво пудингот изладете го на собна температура, а потоа ставете го во фрижидер додека целосно да се стегне, 4-5 часа или преку цела ноќ. Извадете ја проѕирната фолија, па извадете го стегнатиот пудинг. Отстранете го белиот крем од бисквитите Орео, а потоа изблендирајте го црниот бисквит или користете други чоколадни бисквити.
Се сечат пудинзите на половина или на третини и се тркалаат во мелените орео колачиња од страните. Поделете на половина уште неколку колачиња Орео (колку што имате пудинг колачиња) и ставете ги врз колачот. Наместо бисквити, горната страна на колачот можете да ја прелиете со стопено чоколадо.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Во длабоко тенџере ставете 30 г пченкарен скроб (две супени лажици) и 20 г сенаменско брашно (една супена лажица), 100 г шеќер и промешајте со жица за матење. Постепено додавајте 600 мл млеко додека постојано матите за да не се направат грутчиња.
Кога убаво ќе се размеша смесата и ќе се растопи шеќерот, тенџерето ставете го на оган и загревајте со постојано мешање. Кога ќе зоврие додајте една полна супена лажица путер и една лажичка екстракт од ванила и продолжете со мешање додека убаво да се згусне.
Сварениот топол крем ставете го во навлажнети 3 високи чаши (од 200 см или по ваш избор), израмнете одозгора и покријте ги со проѕирна фолија. Оставете ги да се ладат во фрижидер најмалку 4 часа, а можете да ги приготвите и еден ден порано. Потоа внимателно извадете го пудингот од чашите и пресечете го врз даска.
Од три чаши добивате 12 парчиња. Секое колаче од сите страни извалкајте го во кокос, освен од горната каде ќе ставите чоколадна глазура (загрејте ја слатката павлака и во неа растопете го чоколадото искршено на коцки). Врз секое од колачите ставете по една лажица чоколадна глазура и оставете да се стегне па послужете. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.