Многу се едноставни, брзи и лесни, им успеваат и на почетници. Овие тулумби се приготвуваат на сосем поинаков начин од класичните. Не се вари тестото и не се месат една по една жолчките во него.
Потребни состојки: 360 г брашно, 140 г гриз, 2 белки, 1 ванилин шеќер, 2 чаши цврст јогурт (или кисела павлака) вкупно 360 г, малку екстракт од ванила, 100 мл масло, 1 прашок за печиво. За сируп: 800 г шеќер, 500 мл вода, тркалца лимон, 1 ванилин шеќер и 700 мл масло за пржење.
Постапка: Најпрво направете го сирупот, а најдобро би било да го направите од претходниот ден. Во тенџере ставете 800 г шеќер и половина литар вода, па ставете го на оган. Откога ќе зоврие оставете го да вари 10-тина минути. Потоа додајте половина лимон исечен на тркалца и еден ванилин шеќер.
Во подлабок сад ставете ја киселата павлака (две чаши од 180 г), додајте ги двете белки, 100 мл масло и малку екстрат од ванила (околу една мала лажичка) и една кесичка ванилин шеќер. Убаво промешајте со лажица за да се соединат состојките (не ви треба миксер).
Во смесата додајте 140 г гриз и повторно промешајте. На крај една кесичка прашок за печиво додајте и измешајте во 360 г брашно, па започнете малку по малку да го додавате во смесата. Мешајте со лажица додека да го ставите целото брашно и да добиете изедначено тесто.
Ова тесто за разлика од обичното, нема потреба да се остава да се олади, да се одмори, па после да му се додаваат жолчките едно по едно додека се меси или мати со миксер. Ова тесто е навистина многу поедноставно и полесно за правање, а ќе видите, тулумбите се еднакво вкусни.
Добиеното тесто наполнете го во шприц за тулумби со мал ѕвездест продолжеток или најобична кеса за шлаг, бидејќи ќе правите мини тулумби. Маслото загрејте го прво на најсилна температура, а потоа намалете го на умерена, од шест на три. Во вака загреаното масло пржете ги тулумбите.
Полека истискувајте ја смесата од кесата за шлаг/тулумби и сечете мали парчиња со помош на кујнски ножици. Мини тулумбите сами се превртуваат откако ќе испливаат на површината, но сепак вие повремено превртувајте ги со решеткаста лажица за да проверите дали се пржени.
Кога убаво ќе заруменат од сите страни, со решеткаста лажица вадете ги тулумбите и веднаш ставајте ги во садот со ладниот сируп (кој најдобро е да го поставите до шпоретот, во близина на садот за пржење). Во сирупот оставете ги онолку долго колку што вие сакате да ви бидат сочни.
Можеби најдобро е да ги извадите од шербетот, пред да започнете да ја вадите втората тура испржени тулумби. Постапката повторете ја додека да го потрошите целото тесто. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ: Домашни тулумби од рерна, без голема мака а превкусни. Фото и рецепт: Наташа Миленковска. Потребни состојки: 100 мл масло, 400 мл вода, 300 г брашно, 1 прашок за печиво, 5 јајца. За шербет: 800 г шеќер, 900 мл вода.
Постапка: Маслото и водата се ставаат на оган да зоврие, па се трга на страна и се додава 300 г брашно и 1 прашок за печиво. Се меша да се соедини и се остава целосно да излади. Потоа се додаваат едно по едно јајцата (јас матев со миксер) со непрекинато матење (или месење со рака додека да се впие и соедини со тестото, па се додава следното јајце и се така…).
Тестото се префрла во кеса со продолжеток за тулумби, па се сечат тулумбите врз плех обложен со хартија за печење. Јас ги печев на 250 степени додека да зацрвенат. Печените тулумби се оставаат да изладат, па се прелеваат со врел шербет. Шербет: шеќерот и водата се оставаат на оган да зоврие и се вари уште 5 минути. Тулумбите се многу убави, а не се мрсни. /Фото и рецепт: Наташа Миленковска