Рецепт на Анкавел. Ова е еден префин колач кој се топи во уста, одличен за посните денови, но и секогаш кога ќе ви се пријадат вкусни мали залакчиња. Рецептот е едноставен и лесен, се приготвува од обични состојки кои веќе ги имате во кујна. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл масло, 100 мл вода, ½ кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, 20 г квасец (1/2 коцка) и 500 г брашно. За фил: 4-5 јаболка, 5 лажици шеќер, цимет, ореви, шеќер во прав




ПОСТАПКА: Во подлабок сад изронете го квасецот, растворете го со малку млака вода и ванилин шеќер, па оставете на топло место 5-10 минути додека да се активира квасецот и да запени. Потоа додајте го маслото и брашното помешано со прашок за печиво.




Брашното додавајте го постепено додека мешате најпрво со лажица или шпатула, а потоа замесете со рака додека да добиете компактно тесто кое не се лепи на рака. Формирајте топка и оставете го во садот, покријте го со кеса или проѕирна фолија, па оставете го на топло место да стасува околу половина час додека да го удвои волуменот.




Додека тестото стасува, за тоа време пригответе го филот од јаболка (а вие доколку сакате, можете да направите фил од тиква, исто се многу убави или со некое друго овошје, како вишни, малини и сл.). Овој вид на тесто совршено си одговара во комбинација со овошје.




Фил: излупете ги и изрендајте ги јаболката на крупно ренде. Со рацете истискајте ги малку за да излезе вишокот вода, па ставете ги на оган да се пропржат со 5 лажици шеќер, додајте цимет по вкус и сечкани ореви, само колку да се соединат сите состојки и да се растопи шеќерот). Оставете да излади.




Тестото поделете го на 5 топчиња. Првото топче ставете го на хартија за печење (претходно исечете си едно правоаголно парче според димензиите на плехот) и развлечете долгнавеста коричка 34х11 см.




На едниот крај ставете фил, па со помош на хартијата направете ролат, повеќе сплескан да биде. Исечете 7 парчиња. Постапката повторете ја со сите топчиња. Наредете во намастен плех и печете во загреана рерна на 200 степени. Кога се готови ставете шеќер во прав и послужете.