Од неколку евтини состојки направете две одлични предјадења, мимоза салата и намаз кои се многу вкусни и може да се комбинираат со речиси секое јадење. Се приближува сезоната на славите, па со време испробајте ги и осмислете ги јадењата кои ќе бидат интересни, а истовремено и вкусни.




Гостите најмногу го сакаат предјадењето и сè она што се послужува како „мезе“, а познатата мимоза и руската салата се задолжителни на секоја слава во посна и масна верзија. Овојпат ви предлагаме „мимоза намаз“ кога можете да ја послужите во мали длабоки садови или пак со нив да полните корпички од тесто.




Исто така, не ја пропуштајте и необичната „мимоза“ салата во малку изменета варијанта со која ќе ја надополните секоја свечена трпеза. А најдобро од сè е што за подготовката на овие два специјалитета нема да потрошите многу пари, ниту време. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА САЛАТА: 4-5 триаголници топено сирење (зденка), 4 јајца, 2-3 чешниња лук и 2 полни супени лажици мајонез. За декорација може да потрошите уште малку мајонез за одозгора, или ситно сечкан магдонос, истостиран сусам, перца од кромид и листови од морков како цвет..




ПОСТАПКА: Јајцата тврдо сварете ги, па додека се врели префрлете го во многу студена вода, па кога ќе се подизладат излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето, или пак, можете да ги исечкате на ситни коцкички.




Додајте им мелен лук (или истиснат низ преса) и мешавина од претходно изматени мајонез и рендано топено сирење (кое можете исто така да го исечкате на многу ситни коцкички, или пак, да го испасирате). Измешајте и соединете, па послужете изладено. Еве го и рецептот за мимоза намазот:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА МИМОЗА НАМАЗ: 1 конзерва сардина, 3-4 јајца, 2-3 триаголници топено сирење (зденка), 1-2 супени лажици мајонез, по желба може да додадете ситно сечкано лукче, рендан морков, младо кромитче..




ПОСТАПКА: Сардината иситнете ја добро со помош на виљушка, да нема крупни делови. Јајцата тврдо сварете ги, излупете ги, па крупно изрендајте ги, или пак исечкјате ги на ситни коцкички.

Потоа додајте ситно сечкано/рендано топено сирење -зденка (или изматено/испасирано) и мајонез, па внимателно промешајте додека сите состојки рамномерно да се распоредат и соединат. По желба додајте ситно сечкано лукче, младо кромитче, рендан морков или нешто по вкус.