Фото и рецепт на Ленче Гогова – Пита мека како душа.

Нашата драга членка и пријателка Ленче Гогова го објави рецептот за оваа преубава пита во групата НМД рецепти.

Потребни состојки:

1 кг брашно
1 коцка свеж квасец
1 лажичка шеќер
3 јајца+1 белка
500 г сирење
100-150 мл масло
1 лажичка сол
500 мл млеко или јогурт
За премачкување на корите: растопен путер помешан со масло околку 250 г

Постапка:

Квасецот се раствора во малку млако млеко со лажичка шеќер и малку брашно. Се меша убаво за да се растопи и се остава 10-тина минути на топло за да се активира.

Во брашното се прави вдлабнување, па во него се става активираниот квасец, трите јајца претходно отстојани на собна температура и една белка од четвртото јајце (жолчката се остава на страна за премачкување одозгора), еден филџан масло, лажичка сол (и половина лажичка адитив – опционо или лажица оцет).

Со млако млеко или јогурт се замесува мазно и еластично тесто. Откако ќе се измеси тестото се дели на 12 топчиња. Секое топче се развлекува според големината на тепсијата/плехот во која ќе се пече. Корите се редат една врз друга, а помеѓу се премачкуваат со растопениот путер и со издробеното сирење.

Се сече на ленти, а секоја лента се витка како спирала. Питата се остава да стасува 20-тина минути, па се сече на парчиња и се остава уште малку да стасува за да се удвои.

На крај се премачкува со разматена жолчка со малку млеко и се наросува со сусам. Се пече 45 минути во загреана рерна на најсилна температура 10-тина минути, а потоа се намалува на умерено (200-180 степени)

Фото и рецепт на Ленче Гогова