Рецепт и видео презентација на Том Филос: Менемен, турски специјалитет

Најубавото летно-есенско јадење, пржени пиперки со домати и јајца, вкусно, прсти да излижеш!

Потребни состојки:

1 главица кромид
6 зелени пиперки
4 домати
5 јајца
сол и црн пипер во прав, по вкус

Постапка:

Кромидот исчистете го од лушпата и исечете го колку можете поситно. Пиперките измијте ги и исцедете ги од водата, отстранете им ги петелките и семето, па и нив исечете ги на ситни коцки.

Доматите измијте ги, засечете ги малку како крстче, спуштете ги кратко во врела вода и веднаш потоа ставете ги во ладна вода. На овој начин полесно ќе ги излупите, а потоа сомелете ги.

Во намастена тава запржете го ситно сечканиот кромид, па кога ќе омекне и застакли, додадете ги сечканите пиперки. Посолете и запиперете по вкус. Пржете додека да омекнат пиперките.

Потоа додадете ги мелените домати. Промешајте и оставете да се динста додека малку да испари течноста. Искршете ги јајцата без да ги матите директно во јадењето. Поклопете со капак за да се зготват на пареа. За неколку минути вашето јадење е готово. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: