Рецептот за овие вкусни меки колачи со вкус на мед ни го откри нашата драга членка Сандра Андоновска во групата НМД рецепти. Ова е дефинитивно најдобриот рецепт за медени колачи, се подготвуваат брзо и лесно, а кога ќе се испечат остануваат меки и многу вкусни.

рецепт 3

За овој тип колачи има разни рецепти, а по некое непишано правило, најдобар е оној последниот. Сепак, меѓу мноштвото рецепти, заслужуваат некои од нив да си ги запишете во тефтерот. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 (Сандра Андоновска) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 жолчки, 1 јајце, 150 г шеќер, 200 г путер, 1 портокал – рендана кора, 3 супени лажици мед, 2 лажички цимет, 1 лажичка мелено каранфилче, 500 г брашно, 1 лажичка сода бикарбона

рецепт 1

РЕЦЕПТ 2 (Сања) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г масло, 150 г шеќер, 150 г мед, 360 г брашно, 1 јајце, 2 прстофати сода бикарбона, малку цимет или зачин за медени колачи, по желба во нив можете да ставите неколку лажици мелени ореви или да ги декорирате со орев на врвот

рецепт 2

РЕЦЕПТ 3 (Мајда) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 120 г шеќер, 1 прстофат сол, 120 г мед (3 лажици), 120 г путер/маргарин, по 1 мала лажичка: сода бикарбона, симет, зачин за медени колачи, 500 г брашно




ПОСТАПКА за рецепт 1: Во еден сад пенасто изматете 4 жолчки и едно цело јајце со 150 г шеќер. Кога шеќерот ќе се растопи и смесата ќе згусне, додајте 200 г путер, претходно омекнат на собна температура.




По желба додајте ситно рендана кора од еден портокал, 3 супени лажици мед, 2 лажички цимет, 1 лажичка мелено каранфилче и 500 г брашно помешано со една лажичка сода бикарбона. Замесете убаво изедначено тесто.




Тестото оставете го во фрижидер да одмори половина час, но ако немате време можете веднаш да започнете со работа. Кинете мали парчиња и со помош на дланките обликувајте топчиња со големина на поголем орев.




Редете ги во плех (со растојание помеѓу нив) обложен со хартија и ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени, 10 минути. Внимавајте да не ги препечете, па доколку не ви се гледа добро преку рерната, слободно отворете после 7. минута, а готови се штом дното започне да им заруменува. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: решетката во рерната ставете ја на највисокото ниво. Рерната вклучете да се загрева на 200 степени. Плехот обложете го со хартија за печење. Од сите наведени состојки замесете тесто. Ова е едно од ретките теста за медени колачи кое не мора да отстојува.




Со рака кинете од смесата и обликувајте топчиња, па редете ги во плехот на растојание. Секое топче малку притиснете го со дланката да се спосне (да бидат на растојание од 1 см). По желба на врвот од секое топче ставете орев.




Поголемите топчиња печете ги 10 минути, а помалите печете ги пократко. медените колачи се готови штом на дното започнат малку да заруменуваат, приближно за 7 минути или во зависност од рерната.




Внимавајте да не ги препечите, зашто надвор од рерната тие малку ќе стврднат. Ов ие медени колачи можете веднаш да ги јадете после печењето, за разлика од некои други кои мора да се чекаат. Исто така, по желба може да го намалите шеќерот и медот ако оваа количина ви е преслатка.




ПОСТАПКА за рецепт 3: Измиксајте ги јајцата со прстофат сол и шеќер, додајте мед, па омекнат путер. Додајте по мала лажичка сода бикарбона, цимет и зачин, па постепено додавјте брашно додека да добиете средно меко тесто кое не се лепи за рака. Оставете го во фрижидер 1-2 часа.

Потоа поделете го на 3 дела, развлечете го во валјаци па кинете парчиња и правете топчиња. Редете ги во плех обложен со хартија и со дланката малку сплоснувајте ги и ставајте јатка орев. печете ги во загреана рерна на 180 степени, 13 минути или помалку (на дното малку да заруменат).