Пробајте го рецептот за полнета погача со специјален прелив и ќе се уверите дека не сте пробале досега таква: сочна, вкусна и мека како сунѓер. Можете да ја филувате со спанаќ, сирење, месо и друго по ваш избор, а може дури и да ја оставите празна, без фил, таа секако е многу вкусна. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млако млеко, 8 г сув квасец (1 кесичка), 1 лажичка шеќер, 1 јајце, 50 мл растопен путер, 450 г брашно, 1 лажичка сол и сирење за полнење на погачата, околу 100-150 г и едно јајце. За фил: 100-150 мл јогурт и 2 жолчки. По желба кој сака може да нароси и сусам.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад во кој ќе го замесувате тестото, најпрво сипете топло (млако) млеко, па додајте го квасецот и шеќерот. Промешајте за да се растопат состојките и оставете 10-тина минути на топло место за да се активира квасецот и да запени.
Во стасаниот квасец додајте половина од брашното, една лажичка сол, растопениот путер (а може и масло, но мене ми е повкусно со путер), па на крај додајте и едно јајце, претходно отстојано на собна температура. Промешајте со лажица додека да се соединат состојките.
Кога ќе добиете компактна смеса и меко изедначено тесто, постепено додајте го остатокот од брашното и продолжете со рачно месење. Добро изработете го тестото додека тоа да стане средно меко, мазно и еластично, кое не се лепи на рацете, а се одвојува од ѕидовите на садот.
Месењето довршете го на набрашнета работна површина со наросување брашно по потреба. Вака измесеното тесто вратете го во садот, покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло место да стасува околу половина час или додека да го удвои својот волумен.
Стасаното тесто истресете го на малку набрашнета површина и не го премесувате, туку со рацете издолжете го и формирајте валјак, за полесно да го пресечете на девет приближно еднакви делови. Секое парче тесто формирајте го во убаво топче, а потоа оставете го настрана.
Потоа земајте едно по едно топче и со помош на оклагија развлекувајте кори исто како за кифли. Во меѓувреме пригответе го филот за да биде спремен за полнење на кифлите, а во овој случај тоа е околу 150 г ситно сирење, помешано со едно јајце.
На едниот крај од кората нанесете неколку лажички фил, а на другата страна направете засеци на 1 см растојание, но не до крај (исто како за кифлите „гасеница“ или „спирали“). Потоа внимателно свиткајте ја кифлата. Постапката повторете ја со сите преостанати топчиња тесто.
Кога ќе ги свиткате сите кифли, пригответе тркалезна тепсија и обложете ја со хартија за печење. Наредете ги кифлите во круг, во вид на цвет, така што сите да се допираат со едниот крај во средината од тепсијата (како вртелешка), а сепак има растојание помеѓу нив, бидејќи дополнително ќе нараснат.
Покријте ја тепсијата со проѕирна фолија и оставете 15-тина минути да стаса погачата, а потоа направете го преливот. Во 150 мл јогурт на собна температура додајте две жолчки, па добро промешајте и соединете во еднолична смеса. Овој прелив рамномерно истурете го врз погачата.
Ако е потребно завршете и со четка за да бидете сигурни дека преливот навлегол насекаде подеднакво во погачата. За тоа време вклучете ја рерната добро да се загрее на 170 степени, па ставете ја погачата да се пече половина час или додека убаво да зарумени. По желба пред печењето наросете сусам одозгора или семе по ваш избор.
Печената погача извадете ја од рерна и додека е врела испрскајте ја со малку вода. Одозгора ставете алуминиумска фолија и кујнска крпа, па оставете малку да подизлади и да омекне од сопствената топлина. Видеопрезентацијата на Аурора погледнете ја ОВДЕ.