Мек, сочен и мирисен колач со неодолива арома на портокал. Доколку сте љубител на вкусот на портокалот во десертите, тогаш овој колач ќе ве освои. Многу едноставно се приготвува, а многу е вкусен и сочен. Рецепт на Том Филос.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: сок од 2 портокали, 170 г шеќер, 120 г растопен путер, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 3 јајца, 100 мл сок од портокал, рендана кора од 1 портокал, 200 г брашно, 15 г прашок за печиво (1,5 кесичка), 50 мл млеко. И уште 80 мл сок од портокал, 3 лажици шеќер, 3 лажици кокосово брашно и уште кокос за наросување
ПОСТАПКА: Исцедете сок од два големи портокали и тргнете го на страна. Во еден подлабок сад за матење ставете 170 г шеќер, па додајте 120 г растопен и малку подизладен путер и 10 г ванилин шеќер. Пенасто изматете со миксер.
Во смесата започнете да додавате едно по едно, вкуспно три јајца. Откако јајцето добро ќе се измати во смесата (од шеќер и путер) и ќе се инкорпорира, дури потоа додајте го следното јајце и продолжете со матење. Јајцата е потребно да бидат на собна температура.
Кога ќе ги изматите и јајцата, во смесата додајте 100 мл сок од портокал. продолжете со матење па додајте рендана кора од еден портокал. Најпосле, во течните состојки додајте просеано 200 г брашно заедно со 15 г прашок за печиво.
Промешајте со шпатула додека да добиете изедначена, хомогена густа смеса, без грутчиња од брашното. Во смесата додајте и 50 мл млеко за да се разреди малку. Долгнавест калап за леб или роалт, намастете го и обложете го со хартија за печење, па во него излејте ја добиената смеса.
Протресете ги и малку потчукнете го калапот за да излезат сите воздушни меурчиња, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. За тоа време пригответе го преливот:
Во тенџере на умерен оган ставете 80 мл сок од портокал, 3 супени лажици шеќер и 3 супени лажици кокос. Мешајте енергично и непрекинато околу 2 минути, додека да згусне. Смесата префрлете ја во друг сад и оставете малку да се подизлади.
Печениот колач извадете го од рерна, а после неколку минути кога ќе подизлади, извадете го и од калапот, па отстранете ја хартијата. Поставете го врз десертна чинија, па со помош на шпатула или лажица целиот премачкјате го со преливот од кокос и портокал (одозгора и на страните).
Наросете го обилно со кокосово брашно одозгора и на страните, а потоа можете да го сечете и да се сладите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.