За медоносната билка со ситни жолти цветчиња, позната како Иванско цвеќе (lat. Galium verum) ни пишува билкарот Мартин Најдовски. Повеќе за билката и рецептите за приготвување на лековитите препарати, можете да го прашате на неговата фан страница Лилма.

Иванското цвеќе или уште познато како Ивањско цвеќе е билка која може да достигне височина и до 80 см, се наоѓа покрај патишта и ливади, сака сува и песоклива земја.

Во народната медицина наоѓа широка примена и доста е употребувана. Позната е по тоа што таа се употребува за јакнење на организмот, ја чисти крвта и го подига имунитетот.

Ја регулира работата на тироидна жлезда, односно се употребува кај хипертироидизам (Базедова болест) или зголемена функција на тироидата, со тоа што ја доведува во нормала, помага за чистење на бубрезите, делува одлично кај анемија, го регулира мензисот, помага кај гушавост или струма.

Поради присуството на салицилна киселина, делува како аналгетик односно против болки па може да се зема кај болки во мускули, болки во коски, мигрени и друго. За мирен сон се пие по една шолја чај.

Помага при проблеми со лимфните жлезди, го чисти црниот дроб, слезината и во народната медицина се употребувало како лек против епилепсија. Таа поттикнува потење и ја зголемува диурезата, па е одличен лек во комбинација со липа и бозел за намалување на телесната температура.

Оваа билка има толку опоен мирис, што многу потсетува на мед, буквално мириса на мед па како билкар и пчелар би им препорачал на сите мои колеги пчелари да ја посадат околу пчеларникот бидејќи е медоносна билка.

За надворешна употреба иванското цвеќе се користи како облога кај кожни заболувања, ревматични места бидејќи делува како аналгетик па така може да се подготви мевлем или масло.

Рецепти:

Чај: 1 супена лажица се прелева со 250 мл вода зовриена, отстојува 20-30 мин поклопено потоа се цеди и пие по 3 шолји на ден.
Тинктура: 50 г билка се прелева со 500 мл ракија домашна, стои 21 ден со секојдневно протресување, потоа се цеди и зема по 20 капки 3 пати на ден разматени во вода.

Чајна комбинација за слабокрвност:

50 г коприва
50 г иванско цвеќе
3 супени лажици од смесата се прелеваат со 750 мл зовриена вода, стои 20 мин се цеди и пие по 3 шолји на ден.

Чај за чистење на организмот:

50 г коприва
50 г иванско цвеќе
50 г лист од глуварче
30 г лист од орев

Сè се меша па 2 супени лажици од смесата се прелева со 500 мл зовриена вода, стои 20 мин поклопено, се цеди и пие по 2 шолји на ден. Се пие 7 дена па се прави пауза од 2 дена и се повторува.

Чај за намалување на висока температура:

Еднакви делови на цвет од бозел, камилица, липа и иванско цвеќе. Сè се меша па 2 супени лажици се прелеваат со 500 мл зовриена вода, отстојува 20-30 мин поклопено, потоа се цеди и се пие по 2 шолји на ден.

Лек за регулирање на тироидната жлезда и за струма (гушавост):

Се вари чај и се пие по 3 шолји на ден, притоа пред да се голтне со чајот се прави гаргара неколку секунди пред голтање, а надворешно се става одблога од билката со која се приготвил чајот (се става билката на една крпа па се превива на вратот цела ноќ како облога секоја вечер).

За струма исто така се пие и се прави облога неколку пати во денот, 2-3 пати и се остава да делува додека не се засуши билката.

Масло од Иванско цвеќе:

Во една тегла до врв се наполнува со иванско цвеќе, се налева со ладно цедено маслиново масло стои 40 дена и потоа се користи за мачкање на рани. Јас не би го препорачал за мачкање на егземи, псоријаза и слично бидејќи никоја од кожните болести не се лечат надворешно туку мора одвнатре да се реши проблемот, мачкањето само може да направи дополнителни компликации.

Иако не е познато за контраиндикации, не би ја препорачал за бремени и доилки, и користењето на оваа билка нека биде 2 недели па 1 недела пауза.