Овој мармалад им е омилен на моите деца.

Потребни состојки за 2 кг кајсии

2 кг кајсии
500-600 г шеќер
5 лимони – сок

Потребни состојки за 6 кг кајсии без семки

8-9 кг кајсии, кога ќе се исчистат од семки да бидат 6 кг
10 лимони – сок од кој се добива околу 50 мл лимонов сок
4 кг шеќер

Постапка:

Купете кајсии со светла и неоштетена кора, може да бидат внатре меки, но да бидат здрави.

Извадете им ги семките, половинките од кајсиите сомелете ги со рачен миксер, прелијте ги со лимонов сок и наросете ги со шеќер. По вкус може да ставите и повеќе шеќер, зависи од блажината на кајсиите.

мармалад од кајсии

Ставете ги во поголем лонец за побрзо да испарува течноста, па префрлете на оган и варете со мешање. Може да прска, па внимавајте да не се изгорите, но на крај се исплати зошто добивате превкусен мармалад.

Мешајте цело време, не смее да ви загори, додека да ја постигнете саканата густина. Ако сакате погусто како мене, варете го малку подолго.

мармалад од кајсии

Врелиот мармалад излејте го во загреани чисти, стаклени тегли. Од еден килограм кајсии излегува околу една тегла. Добро затворете ги теглите.

Теглите измијте ги ако ви се накапало врз нив од надворешната страна, избришете ги, па ставете ги во рерна на 150 степени да се пастеризираат малку, додека да се исушат.

мармалад од кајсии

Лимонот се додава за да не потемне бојата на кајсиите, па доколку веднаш ги ставате на варење, без шеќер, нема потреба од него. Во тој случај оди помалку шеќер, а ако ги правите вака, без лимонов сок, шеќерот се става на крај. Од него џемот сосем малку ќе потемни.

А доколку пред да го додадете шеќерот, мармаладот го сварите доста густ, повеќе од крајната цел, тогаш, кога ќе се додаде шеќерот смесата ќе стане поретка и ќе биде потребно само уште многу кратко време за да се довари.

За да не ви прска мармаладот, намалете ја температурата, со што можеби ќе се продолжи времето на варење, но ќе одбегнете изгореници.

мармалад од кајсии

Рецепт на Gordana Dime Mihajlovic:

“6 кг зрели кајсии со отстранети семки се мелат во машинка за кечап. Се додава 4 кг шеќер и се става на оган.
Откако ќе зоврие се вари еден час, па се трга настрана и се продолжува со непрекинато мешање уште 45 минути.
Тоа е брзо, лесно и вкусно. Имам мармалад од пред две години кој не е расипан.”

Рецепт на Марија Ангелова:

На 1 кг кајсии без семки се става 600 г шеќер и се оставаат да отстојат 24 часа. Следниот ден се варат на тивок оган околу 45 минути. На крај по желба се додава прстофат лимонтус или лимон и се собира во тегли. Одличен мармалад.