Овој рецепт го наследив од мајка ми, а првпат кога ги проба, мојот маж ми рече дека поубави пиперки не јадел досега, ниту во ресторан не пробал подобри од овие.
Потребни состојки:
50 црвени меснати пиперки
250 мл масло
250 мл оцет
1 рака шеќер
1 рака сол
2-3 главици лук
2 китки магдонос
1 кесичка црн пипер во зрно
Постапка:
Пиперките испечете ги, излупете ги, но вадете им ги само дршките. Оставете ги цели.
Маслото со оцетот ставете ги да зовријат заедно со шеќер и сол.
Кога маринадата ќе зоврие, ставете ги пиперките малку да се проварат.
Ова правете го на тивок оган и немојте да мешате, туку само протресете ја шерпата. Пиперките маринирајте ги максимум 10 минути.
Лукчето исечкајте го и промешете го со сечкан магдонос и црн пипер.
Кога малку ќе изладат пиперките, редете во тегли: ред пиперки па лук и магдонос, па повторно пиперки и сè така.
Полијте со маринада и оставете ги теглите отворени преку ноќ.
Наутро дотурете уште малку маринада и затворете ги теглите. Чекајте ја зимата : – )