Мантиите се еден вид пита со месо. Имаат фантастичен вкус а за да се направат е потребен малку поголем труд, но секако дека се исплаќа!
Потребни состојки: 500 мл млака вода, 1 мала лажичка сол, 850 г брашно, 700 г јунешко мелено месо, 2 главици кромид, 4 полни лажици маст или путер, 100 мл масло, 1 лажица сув зачин, ½ мала лажичка црн пипер
За полевање одозгора: 500 мл кисело млеко и 1 главица лук (или помалку, по вкус)
Постапка: Во 750 г брашно додадете сол, малку промешајте со рака, па налејте вода и месете рачно. Измесете мазно тесто. Потребно е тестото да биде добро измесено.
Поделете го тестото на 5 еднакви делови, а секоја топка да има отприлика по 250 грамови. Топките прекријте ги со кеса и крпа и оставете да отстојат околу 30-60 минути, во зависност од топлината на просторијата, но никако помалку од 30 минути.
За тоа време, исечкајте го кромидот, додадете го меленото месо, сувиот зачин и пиперот, па измесете со рака. Стопете го путерот со маслото на силен оган. Кога ќе проврие тргнете од оган. Мора да проврие за да можат путерот и маслото да се соединат.
Кога тестото е одморено, секоја топка поединечно треба да се развлече во кора со дијаметар од отприлика 20 см и секоја да се премачка со 2-3 лажици од стопеното масло. Редете ги корите една врз друга, претходно намачкани.
Ставете една кора, премачкајте, па ставете врз неа друга кора, премачкајте, и така до петтата кора која не треба да се премачкува.
Одозгора посипете со брашно, преку масата ставете некој памучен чаршав, па и него посипете го со малку брашно. Ако работите директно на масата, без чаршав, тогаш посипете малку повеќе брашно, за да не се лепи кората.
Развлечете со оклагија колку што можете, а тогаш продолжете да тегнете со раце, до ивиците на масата. Кога ќе ја развлечете кората, исечете ги краевите што висат од масата, а задебелувањата отстранете ги со нож.
На ивицата ставете по цела должина 1/5 од филот и малку испрскајте со маслото. Завиткајте еден круг околу месото, па исечете, така да добиете тенка и долга ролна. Постапката повторувајте ја до крај со останатото тесто и месо.
Потоа, од секоја ролна, сечете мантии со должина од по 3-4 см. Премачкајте го плехот (35 см) па редете ги во круг исечканите квадратчиња, мантиите. Премачкајте ги со остатокот од маслото (доколку сакате, не мора). Додека ги редите мантиите, рерната вклучете ја да се загрее на 250 степени.
Ставете да се пече додека да порумени. Исечкајте го лукот ситно и измешајте го со киселото млеко. Кога мантиите се испечени и уште топли, прелијте преку нив со оваа смеса, и оставете ги уште 10 минути поклопени со друга тепсија, за да се впие. Уживајте!