За овие прекрасни колачиња потребни ви се само три состојки и неколку минути. Топчињата можете да ги правите помали или поголеми, а смесата можете да ја ставате во калапи или да ја направите во вид на валјак па да сечете разни облици.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г посни кекси, 2 големи зрели банани, 1 супена лажица крупно мелени лешници (по избор), сок од еден портокал, 2 супени лажици кокосово брашно и за валкање на топчињата може да користите лешник или кокос по избор. Сокот од портокал може да биде купечки а може да користите и свежо исцеден.




ПОСТАПКА: во еден длабок сад ставете 200 г посен кекс (најдобро посна плазма, но може и кој било друг кекс што вам ви одговара). Бананите излупете ги, па испасирајте ги со помош на виљушка додека да добиете каша.




Испасираните банани додајте ги во кексите. Додајте една супена лажица крупно мелени лешници и исцедете сок од еден свеж, крупен портокал. Додајте го исцедениот сок во смесата, па убаво промешајте за да се изедначи смесата.




Треба да добиете фина компактна смеса која може да се обликува во раце. По потреба додајте уште малку сок или уште малку мелени кекси, бидејќи ова најмногу зависи од сочноста на самиот портокал кој ќе го користите во рецептот.




На крај додајте две супени лажици кокосово брашно, па сè повторно промешајте со лажица, шпатула или со рака. Од приготвената смеса со помош на дланките формирајте топчиња со величина по ваша желба.




Доколку сметате дека оваа количина ви е мала, тогаш слободно удвојте ги состојките. Топчињата оставете ги 15-тина минути во фрижидер за да се стегнат. Потоа валкајте ги во кокос, мелени кекси, лешници или ореви.




Можете да ги чувате на собна температура или во фрижидер. Доколку сакате можете да ги декорирате со чоколадна глазура или по ваш вкус. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

посни бомбици со банана
посни бомбици со банана