МАНАСТИРСКИ МЕДЕЊАЦИ – Прекрасни медени, старински колачи кои се топат во уста, ќе ве вратат во детството. Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss) – Манастирски колачи.
Уживајте во прекрасните МАНАСТИРСКИ МЕДЕЊАЦИ приготвени според рецептот на нашата драга пријателка Beti Josi. Како и сите други нејзини рецепти, така и овој, е едноставен и брз, но со неодолив вкус. Мерки на лажица.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 лажици вода, 4 лажици мед, 1 лажица свинска маст, 1 полно лажиче сода бикарбона, 200 г шеќер, 500 г брашно, 1 јајце, 2 жолчки, 1 прстофат сол, малку цимет и каранфилче. СНЕГ ЗА МЕДЕЊАЦИТЕ: 3 белки, 9 лажици шеќер во прав, малку сок од лимон.
ПОСТАПКА: Се меси убаво тесто од наведените состојки (медот се раствра со вода, се додава свинска маст, сода бикарбона, шеќер, јајце, жолчки, брашно и мирисни зачини) и се остава покриено еден час да одмори.
Потоа тестото се премесува и се вадат делчиња со големина на орев (јас ги мерев, секое со приближно 14 г), и се редат во плех обложен со пек-хартија. Се печат во загреана рерна на 180 степени додека да заруменат. Времето не е мерено, ќе треба одокативно, но сепак се работи за кратко печење.
Откако ќе се испечат медењаците, се приготвува снегот за глазирање: Се матат белките со миксер и потоа им се додава шеќерот во прав. На крајот се додава сокот од лимон и се мати уште 15-20 минути на пареа.
Мешањето правете го на кратки периоди со лажица или миксер. Јас користев и лажица и миксер според потребата, бидејќи смесата се згуснува и се лепи на садот. Ставајте ги медењаците по 2-3 пати во смесата и обложете ги од сите страни.
Со прст или некоја алатка отстранете го вишокот и оставете ги врз пек-хартија или целофан да се сушат. Работете брзо додека е топла/жешка смесата. Смесата е густа, така да не очекувајте мазна, но ќе добиете една рустична глазура врз нив.
Откако ќе се исушат на едната страна, превртете ги за да се исушат и од другата. Според мене овие медењаци испаднаа на текстура и на вкус подобри и од оние купечките.
Глазурата е малку напоpна за спремање и всушност само таа одзема време и поголемо внимание, но од срце ви ги препорачувам барем еднаш да ги пробате. Верувам дека нема да ве остават рамнодyшни воопшто.