Моите дечиња обожаваат кога им правам помфит, а кога го видов рецептот на Гурман ТВ, веднаш го испробав. Наместо компирите да се пржат веднаш после сечење, всушност тие советуваат да се маринираат во млеко, а има и уште еден рецепт со кефир кој може да го прочитате подолу.
Компирчињата излегуваат крцкави како од рестораните за брза храна, а моите дечиња викаат дека се исти како од „Мекдоналдс“. Ако и вашите дечиња многу сакаат да јадат крцкави компирчиња, ве советувам да ги направите, многу ќе им се допаднат.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ СО МЛЕКО): 1 литар млеко, 200 г лед, 1 кг компири, 60 г скроб/нишесте/густин, 1,5 литар вода, зачини. Ако подготвувате помалку компири, на пример 500 г, се додава 500 мл млеко (размер 1:1).
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ СО КЕФИР): 1 кг компири, 1 литар ладна вода, 1 литар топла вода, 150 мл кефир, 80 г скроб, зачини (сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка, мускатно оревче итн).
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во еден подлабок сад се става 200 г мраз, па одозгора се прелива со 1 литар млеко. Настрана се подготвува компирот. Кoмпирите треба добро да се измијат под млаз вода, па потоа се лупат (освен ако имате млади компирчиња, тие немора да се лупат). Помфритот се сечка на помали парчиња, во ленти.
Во тенџере во кое сте ставиле 1,5 литар вода ставете ги и компирите, па варете ги додека водата да зоврие. Вака подготвените компирчиња додека се врели, се ставаат во ладното млеко и се оставаат да отстојат неколку минути.
Потоа, се процедуваат од млекото и се додава 60 г скроб, па се пржат на класичен начин во масло на тавче. Доколку сакате поздрава варијанта, компирите може да ги испечете во рерна, претходно зачинети, во тој случај се редат во плех едно до друго, да не се преклопуваат. Се печат додека да станат крцкави околу 40 минути, во зависност од рерната, на 200 степени. Подготовката на вториот рецепт е малку поинаква:
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Компирот се подготвува на класичен начин, исто како и во првиот рецепт. Се сечка на помали ленти, како за помфрит. Потоа исечканите компирчиња се ставаат да отстојат 15 минути во сад со ладна вода, па се процедуваат од неа и се ставаат во сад со топла вода (1 литар) која може да биде претходно зовриена, исто 15 минути.
Настрана изматете пенасто со жица 1 жолчка, додајте прстофат сол, прстофат црн пипер и прстофат мускатно оревче (по желба) и малку црвена зачинска пиперка. Измешајте ги состојките, па додајте 150 мл кефир и сите состојки соединете ги во еднолична смеса. Потоа во истата смеса се додава 80 г скроб и убаво се промешува.
Вака подготвената смеса се прелива преку помфритот кој треба добро да ја впие. Компирот се пржи во претходно загреано масло на тавче, додека да порумени. Двата рецепти може да ги послужите со сос по ваш вкус. Деталите од првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а од вториот рецепт ОВДЕ.