Фото и рецепт: Елица Павлоска

Рецептот беше објавен во нашата и ваша група: НМД рецепти. Ни го претстави нашата драга Елица Павлоска.

Потребни состојки:

500 г брашно
260 мл млака вода
2 лажици масло
1/2 лажица киселина
1 лажица сол
1 прстофат шеќер
125 г путер/маст/масло за премачкување

Постапка:

Се користи тава бр.30

Тестото убаво се меси (помеко, но да не лепи), па се дели на 7 топчиња од кои потоа ќе се добијат две топки:

Едната, составена од 4, за долната кора, е малку поголема од горната кора која е составена од 3 топчиња. Точињата се премачкуваат со маст и масло и се оставаат да одморат 15 минути.

Прво се отвора поголемата кора: Се развлекуваат мали кори со величина на чинија, се премачкуваат со маст и масло или со малку путер. Потоа заедно се отвора голема кора – околу 45 см.

Се премачкува со путер и се засекува на 12 зраци, а во средината останува круг 10-15 см.

Се префрлаат сите сегменти преку средината на кората – со последниот дел се обвиткува цела топка. Се витка со проѕирна фолија и се остава во фрижидер еден час.

Истото се повторува и со помалата топка. Рерната се загрева на 200 степени, тавчето се премачкува со масло.

Со сукало прво се отвора поголемата кора – да биде поголема од тавата. Со сукалото се пренесува во тавата и се става филот по ваш избор.

Истото се прави и со помалата кора – се става со сукалото и ако сакате, со разнишување се формираат набори. Од ивиците на првата кора кои висат преку тавата, се прави витка. Се премачкува со маст и се прободува горната кора на неколку места. Се пече 35 минути.

Кога е готов зелникот се прска низ прсти со малку вода, се покрива со кујнска крпа и се остава да излади половина час.

За фил (предлог):

500 г мелено месо
2 големи главици кромид или праз
4 лажици лебни трошки
сол, црн пипер, сув зачин

Пропржете го ситно сечканиот кромид/праз, додадете го месото, лебните трошки и пржете додека да ја промени бојата. Зачинете по вкус. Доколку користите кашкавал и јајца во филот, намастете ја малку кората пред да го нанесете филот.