Рецептот за ајвар или “Мајонез-ајвар” како што јас сум го запишала е одличен избор за сите оние кои немаат можност да печат поголема количина на пиперки, бидејќи истите се подваруваат. Според вкусот не заостанува зад ајварот со печени пиперки.
Потребни состојки: 3 кг пиперки, 2 модри патлиџани со средна величина (1-1,1 кг), 1 поголемо чешне лук, 1 лажица есенција, 10 г црн пипер во зрно (1 кесичка), 300 мл масло, 1 лажица шеќер и 3 рамни лажици сол
Постапка: Ако го правите овој ајвар во двојна мера, растворот за обарување на пиперките правете го на ист начин (2 литри вода, 1 лажица есенција, црн пипер во зрно), нема потреба да се прави раствор со 4 литри вода.
Пиперките убаво измијте ги, исчистете ги со петелките и семето, па исечете ги на половина. Модрите патлиџани излупете ги и исечете ги на дебели ленти. Во поголемо тенџере ставете 2 литри вода, една лажица есенција и една кесичка црн пипер во зрно (една кесичка).
Откако ќе зоврие течноста, ставете ги парчињата од модар патлиџан околу 2 минути од едната страна и две минути од другата страна. Пиперките варете ги околу 3 минути, нема потреба да ги превртувате.
Зеленчукот вадете го со решеткаста лажица и оставете го на страна да излади. Потоа сомелете ги, најдобро во машина за мелење месо. Во голем сад ставете 300 мл масло да се загрее, па додадете го мелениот зеленчук. Додадете ситно сечкано лукче по вкус и промешајте.
Варете 50 минути на умерена температура со постојано мешање. Потоа додадете 1 лажица шеќер и 3 рамни лажици сол. Промешајте и пржете го ајварот уште 25-30 минути. После 1 час и 15-20 минути сèвкупно, ајварот би требало да биде готов. Ако тешко паѓа од лажицата, тогаш готов е.
Извадете малку на тацна, пробајте, па ако е потребно додадете уште малку сол. Исто така, по желба додадете половина кесичка конзерванс (јас не додадов). Врелиот ајвар складирајте го во врели тегли кои претходно сте ги стерилизирале во рерна, околу 30 минути на 100 степени.
Капаците стерилизирајте ги со врела вода и исушете ги. Кога ги затворате теглите внимавајте да не ви остане остане. Теглите превртете ги, завиткајте ги во нешто и оставете ги така да изладат. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: