Другите кифли немаат шанси со овие Мајкини кифли. Толку се меки, лиснати и мирисливи што никого не оставаат рамнодушен. Лесно и брзо се прават, а уште побрзо се јадат.
Потребни состојки:
500 мл измешано млеко и вода (250 мл млеко и 250 мл вода)
40 г свеж квасец
100 мл масло
800-900 г бело брашно за фини печива
1 лажица сол
1 лажица шеќер
Околу 150 мл растопена маст за премачкување на кифлите пред печење (или путер или маргарин измешано со малку масло)
Околу 50 г путер/маргарин за премачкување на печените кифли
1 јајце + лажица млеко за премачкување, сол, ким, сусам
Постапка:
Тестото е многу едноставно и лесно се прави. Од наведените состојки замесете убаво меко и мазно тесто. Оставете да надојде. Потоа префрлете го набрашнета работна површина и поделете го на околу 15-20 топчиња, во зависност од тоа колку големи сакате да бидат кифлите.
Напомена: количината на брашното може да варира, што значи дека ставате по осет, па може да биде помалку или повеќе од напишаната количина.
Се земаат топче по топче и се развлекуваат со оклагија. Прво развивам точен број на кифли колку што ми собира во плехот, околу 10-12.
Ја растопувам маста, но да не биде врела, па со четка секоја кифла ја премачкувам одозгора.
Оставам околу 5 минути за да може да се растегнува со раце.
Кога убаво ќе се растегне кората, се витка во кифла: поставете го тестото така што поширокиот крај да биде на масата, а потесниот да паѓа надолу.
Со едната рака виткајте и повлекувајте го тестото на маса, а со другата влечете за да имате што поцврсто свиткана кифла.
Свитканите кифли наредете ги во намастен плех. Изматете едно јајце со лажица млеко, премачкајте ги кифлите и одозгора наросете ги со крупна сол и ким, сусам или нешто по ваша желба.
Оставете ги малку да отстојат, околу половина час (во зависност од собната температура), таман додека рерната да се загрее. Печете ги во добро загреана рерна на околу 230 степени додека да добијат златна боја. Никако не ги печете на послаба температура.
Печените и тукушто извадени кифли од рерна, се премачкуваат со коцка путер (само се поминува со коцката одозгора колку да засветат).
Меки се како душа!
Овие кифли можете да ги правите и во слатка варијанта, со џем, со нутела, еурокрем…
Предноста, односно она што ги прави феноменални е тоа што тестото се развлекува и по цела должина се нанесува филот.