МАГНЕЗИУМ
ПДД (препорачана дневна доза):
–за мажи 350 мг
-жени 280 мг
-бремени жени 320 мг
Магнезиумот придонесува за здравјето на многу начини. Заедно со калциумот и фосфорот претставува основна состојка на коските. Соодветната рамнотежа на калциумот и магнезиумот е важна за здрави коски и заби, ја намалува опасноста од појава на остеопороза, а при заболување ги ублажува симптомите на болеста. Калциумот и магнезиумот управуваат со мускулната активност-калциумот ја потикнува контракцијата на мускулите, а магнезиумот-нивното олабавување.
Магнезиумот е важен за метаболизмот (преобразување на храната во енергија) и за создавањето белковини. Соодветното ниво на магнезиум во крвта го штити организмот од болестите на срцето и крвните садови, срцевата аритмија и можеби, мозочен удар предизвикан од згрутчување на крвта во мозокот. Луѓето по правило преку храната внесуваат доволно (или речиси доволно) магнезиум.
Добри извори на магнезиум се: рибите, лисниот зелен зеленчук, млекото, оревите, семките и житото како цели зрна.
Многу антациди, лаксативи и аналгетици што се купуваат во аптеките без рецепт содржат магнезиум, но тие лекови не смеат да се користат како додатоци магнезиум. Додатокот со повеќе хранливи материи е релативно безбеден начин на зголемување на внесувањето на магнезиум. Додатоците што содржат исклучиво магнезиум употребувајте ги само под лекарска контрола.
Магнезиумот може да се внесува во облик на магнезиум цитрат-малат кој се ресорбира најлесно, а магнезиум глицинат во големи количества понекогаш предизвикува пролив.
Потребите за магнезиум се зголемуваат при стрес или болест. Додатокот на магнезиум може да помогне во лекувањето:
-несоница
-грчеви во мускулите
-предменструален синдром
-срцеви и заболувања на крвните садови, на пример, висок крвен притисок
-ангина пекторис, предизвикана со стегање на коронарната(срцева) артерија, како и болките и грчевите што се последица на недоволно дотекување на крв во нозете.
Проучувањата покажуваат дека употребата на магнезиум веднаш по срцевиот удар ги зголемуваат изгледите на болниот за преживување.
Организмот добро го преработува магнезиумот. Бубрезите според потребата создаваат резерви, а целиот вишок ги излачуваат, така што недостигот или труењето поради вишок магнезиум се многу ретки појави. Но, кога до тоа ќе дојде, може да бидат многу опасни. Недостигот на магнезиум може да предизвикува:
-мачнина
-повраќање
-тромост
-слабост на мускулите, и во крајни случаи,
-големо намалување на отчукувањата на срцето и крвниот притисок, плитко дишење, губење на рефлексите, кома, па дури и смрт.
Луѓето кои претерано користат лаксативи или имале тегоби со бубрезите се најизложени на можноста за труење со магнезиум.