Мачкини очи спаѓаат во старските колачи. Јас припаѓам на помладата генерација, родена на почетокот од осумдесеттите години, па се сеќавам на овој колач, кога бев дете баба ми го приготвуваше секоја недела.
Обично го правеше само за нас, бидејќи ролатот не е многу голем. Ако ни доаѓаа гости тогаш не смеевме да го пипнеме. Се приготвува од состојки кои обично ги има дома, а бананите беа многу популарни во тоа време.
Потребни состојки: 5 крупни јајца или 6 поситни, 5 лажици шеќер, 3 лажици меко брашно, 5 лажици масло, 3 лажици какао, ½ прашок за печиво или 5 г (рамна кафена лажичка)
За фил: 3 јајца, 3 лажици шеќер, 150 г путер, 100 г црно чоколадо, 4 бананаи
(*Рецептот на Наташа: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 1 лажица брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 1 лажица какао. За крем: 3 јајца, 100 г шеќер, 200 г чоколадо за готвење, 150 г путер, 4 банани. За ганаш: 200 мл слатка павлака, 200 г чоколадо и чоколадни трошки) – постапката за приготвување и иста како и кај мојот рецепт.
Постапка: вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, а за тоа време изматете ги пенасто белките со постепено додавање на шеќерот. Матете додека да се добие цврста пена (баба ми ова го правеше со жица за матење).
Потоа се додаваат жолчките една по една, се мати, па се додава и маслото во тенок млаз.
На крај се додава брашното помешано со какао и прашок за печиво, па со лажица внимателно се соединува.
Големиот плех од рерна се намастува и набрашнува или се обложува со хартија за печење, па се излева смесата за кора.
Се става да се пече и се намалува рерната на 180 степени. Се пече помеѓу 20 и 25 минути во зависност од рерната.
Врелиот бисквит се става на крпа која е поголема од кората, па се витка како ролат и се остава така да излади.
За фил: се матат жолчките со шеќер во помал сад, кој се става во поголем со „два прста“ вода во него, и ставате на оган.
Кога ќе проврие водата гответе ги жолчките 10 минути на пареа со непрекинато матење додека да згуснат, па додајте чоколадо и мешајте додека да се растопи и тргнете од оган и оставете да излади.
Кога ќе биде оладен кремот додајте омекнат и исечкан на коцки путер (да бидат на иста собна температура) и сето заедно изматете го.
Одвиткајте ја изладената кора, премачкајте во тенок слој, на краевите ставете банани и повторно свиткајте во ролат.
Премачкајте го со остатокот од филот и ставете во фрижидер да се стегне.
Послужете после неколку часови.