На сите ни е познат ролатот МАЧКИНИ ОЧИ, кој се подготвува од неколку банани, а потоа во бисквитот кој се прави се витка ролат. На сите им е омилен овој ролат кој може да си го правите во текот на целата година бидејќи бананите кај нас ги има постојано.
Ова е една унапредена верзија, навидум слична на обичниот рецепт само што се додава чоколаден крем кој прави одличен спој и дава уште покремаст вкус. Вреди да се проба. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 6 јајца, 5 лажици шеќер, 2 лажици брашно, 2 лажици какао, 1/2 прашок за печиво. ЗА ФИЛ: 3 јајца, 100 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 200 г чоколадо за готвење, 150 г маргарин или обично масло, 4 банани.
ПОСТАПКА: Најпрво за подготовка на бисквитот потребно е да ги одвоите белките од жолчките. Белките започнете да ги матите со миксер додека да почнат да стануваат пенасти, па постепено зголемувајте ја брзината на миксерот додека да ги изматите во цврст шам.
Во белките постепено додавајте 5 лажици шеќер додека постојано матите со миксерот. Изматете додека шеќерот целосно да се растопи во белките. Започнете да додавате една по една жолчка додека ги разредите во останатата смеса од белки.
Јас настрана посебно ги измешав сувите состојки: какао, брашно и прашокот за печиво, па постепено започнав да ги додавам во смесата од јајца. Матејќи со миксерот ја изматив целата смеса без да останат грутки.
Во плех обложен со хартија за печење, се излева смесата за бисквит и се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20 минути. По печењето, бисквитот се витка во ролат заедно со хартијата за печење и се остава целосно да се олади за да остане мек и сочен. Потоа можете дополнително да го завиткате во обична крпа.
Во меѓувреме додека бисквитот се пече се подготвува филот: скршете ги јајцата во еден сад и додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете убаво со миксер додека смесата целосно да се измасни, па префрлете во тенџере на рингла и сварете го кремот. Мене ми беа потребни околу 20 минути за целосно да се свари, но кај секој е различно, јас на тивко го готвев.
При подготовка на филот морате постојано да го мешате, а пред самиот крај додајте го чоколадото скршено на коцки. Мешајте до соединување. Оставете филот целосно да се олади, па потоа додајте 150 г изматен маргарин или обично масло. Соединете.
РЕДЕЊЕ: Бисквитот отворете го на рамна површина. Премачкајте со чоколаден фил (оставете 2-3 лажици) и добро измазнете го кремот. Потоа излупете 4 банани и премачкајте ги со малку лимонов сок за да избегнете потемнување.
Бананите се редат, 2 со 2 од двете страни на подолгите страни од бисквитот. Бананите може да ги исечете на половина за да можете да ги исправите во ролат. Ролатот се витка од двете страни до половина, а одозгора се премачкува со кремот кој претходно го тргнавте настрана, особено на ивиците каде се преклопува бисквитот.
Ролатот се превртува на рамната страна и одозгора се премачкува со преостанатиот чоколаден крем. Можете да го декорирате по желба, а потоа ставете да отстои во фрижидер 2-3 часа или најдобро преку цела ноќ. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.