Д-р Сања Димитријевиќ, капетан од прва класа и специјалист по гинекологија на ВМА, говореше за првите знаци на менопауза.
*Како изгледа предменопаузалниот период?
„Периодот на предменопауза може да помине незабележан, со благи до умерени симптоми, но за одреден број жени може да биде и исклучително бурен период. Најчесто започнува со нарушување на менструалниот циклус во смисла на почеста менструација за 10-15 дена или доцнење на менструацијата, потоа појава на обилна менструација, која обично е поврзана со болка и чувство на напнатост во градите (поради недостаток на прогестерон).
Во тоа време, жените веќе се во страв, бидејќи дотогаш редовните циклуси стануваат неуредни, непредвидливи. Овие први симптоми се предизвикани од хормонска нерамнотежа и го претставуваат самиот почеток на пременопаузалниот период.
Потоа следуваат топлотни бранови (валунзи) кои субјективно можат да бидат крајно непријатни. Тие се јавуваат неколку години пред менопаузата, а може да траат и неколку години по менопаузата.
Топлите бранови можат да бидат поттикнати од одредени видови храна и пијалаци, но најчесто се појавуваат ненадејно, траат неколку минути и се појавуваат неколку пати во текот на денот. Други симптоми кои може да се појават се ноќно потење, несоница, раздразливост, анксиозност или депресија, забрзан пулс“.
*Кога жената може најрано да влезе во менопауза?
„Менопаузата ја претставува последната менструација во животот на жената и најчесто се јавува на возраст од 45-55 години. Сепак, често се среќаваме со предвремена менопауза која се јавува пред 40-тата година од животот. Менопаузата се докажува ретроактивно по 12 месеци од последната менструација или врз основа на добиените резултати од анализираните хормони од крвта.
За да се процени репродуктивната функција на јајниците и да се докаже менопаузата, ние обично одредуваме фоликуло-стимулирачки хормон (FSH), естрадиол и анти-милеровиот хормон (AMH). Високите вредности на FSH со ниски вредности на естрадиол и AMH укажуваат на намалена функција или целосно исцрпување на јајниците“.
*Дали може да се одложи менопаузата?
„Менопаузата не може да се одложи, но за жал може да се забрза со нездрав начин на живот (пушење, алкохол, стрес). Менопаузата е последица на природниот процес на стареење или, како што често велиме, отчукувањето на биолошкиот часовник на жената.
Меѓутоа, хормонската супстицуиона терапија, т.е. со додавање на хормоните кои се намалуваат кај жените во менопауза, а особено естроген, можеме да го одложиме дегенеративниот ефект врз сите органи што вообичаено се јавува по менопаузата“.
*Дали е оправдано мислењето дека коските побрзо страдаат кај жените во менопауза?
„Да, често се слуша дека жените се заштитени сè додека има доволно естроген. Естрогенот, како главен хормон на јајниците, влијае на метаболизмот на коските и точно е дека забрзаното губење на коскеното ткиво или остеопорозата често се јавува по менопаузата.
Треба да се нагласи дека естрогенот не е единствениот фактор за развој на остеопороза, туку и адекватна исхрана, внес на витамин Д, физичка активност и генетска предиспозиција“.
*Ако зборуваме за предвремена менопауза: дали е можно жената да забремени по неколку години по престанокот на менструацијата (предизвикана од менопауза)?
„За жал, во последните неколку децении се забележува тренд на одложување на бременоста за подоцнежни години, без да се размислува дека тогаш може да биде предоцна.
Доколку дошло до предвремена менопауза и жената има желба да стане мајка, да забремени, не треба да губи време обидувајќи се да забремени по природен пат бидејќи тоа не е можно, нема јајце клетки кои би се оплодиле.
Затоа на жените кои сакаат да забременат по менопаузата им се советува да се обратат до центрите за ИВФ кои работат со донаторски јајце клетки. Само тогаш е можна бременост“.
*Колку се штетни хормоните кои жената мора да ги пие за време на менопаузата?
„Пред употреба на хормонски препарати во менопауза, треба внимателно да се одмерат придобивките од терапијата и потенцијалните ризици. Секако пред воведувањето на хормонската терапија во менопаузата, потребно е да се изврши гинеколошки и ултразвучен преглед заедно со опсежна анамнеза и разговор со жената, преглед на градите, анализа на крвта и мерење на коскената густина.
Пристапот во однос на изборот на терапија е индивидуален, се дава најмала ефективна доза и се одредува периодот на употреба. Придобивките од хормонската терапија се повеќекратни – влијаат на превенција од кардиоваскуларни заболувања, остеопороза, ја зголемуваат количината на колаген во кожата, а ги намалуваат урогениталните симптоми на менопаузата.
Најголемите ризици од користењето на хормоните во менопаузата се ракот на дојката и тромбоемболизмот, па затоа не се препорачуваат за жени кои имале рак на дојка и кои имаат зголемен ризик за развој на рак на дојка.