Здраво на сите, ајде денес да направиме нешто слатко. Ова е рецепт за колач кој не се пече и многу брзо се прави. Неверојатно е кремаст и вкусен и никој не може да му одолее. Кога добро ќе се олади, секој залак е магија во вашата уста. Идеален е за сите видови прослави, а децата едноставно го обожаваат.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кесички пудинг од ванила, 4 лажици шеќер, 500 мл млеко, 2 ванилин шеќер, 200 г кекси, 100 г еурокрем + 2 лажици млеко, 200 мл грчки (густ) јогурт, 300 мл слатка павлака, 100 г мелени лешници. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо и 200 мл слатка павлака
ПОСТАПКА: Во еден сад ставете го прашокот од двата пудинзи, додајте 4 лажици шеќер и малку млеко одвоено од 500 мл. Разматете убаво да нема грутчиња. Остатокот од млекото ставете го на оган, а кога ќе зоврие полека додајте го разматениот пудинг.
Намалете ја температурата и постојано мешајте додека да згусне кремот. Оставете го настрана целосно да излади со повремено промешување за да не фати коричка, или пак покријте го со проѕирна фолија.
Бисквитите една по една кратко натопувајте ги во ладно млеко и редете ги во плех од рерна (или калап каков имате), една до друга за да се формира збиена подлога. Во микробранова печка или на пареа/тивок оган растопете го еурокремот/нутелата со две лажици млеко.
Потоа рамномерно нанесете го кремот преку бисквитите во тенок слој. Врз слојот еурокрем повторно наредете бисквити, исто така кратко натопувани во малку млеко. Во изладениот пудинг ставете две кесички ванилин шеќер и 200 мл грчки јогурт (или кисела павлака).
Убаво изматете со миксер додека да се соединат состојките. Посебно изматете 300 мл слатка павлака, па и неа додајте ја во кремот. Соединете со миксер додека да се добие убав кремаст фил.
Лешниците малку испечете ги во рерна, изладете ги и излупете ги, па сомелете ги. Додајте ги во кремот и промешајте со шпатула или лажица. Добиениот фил нанесете го врз бисквитите и рамномерно распоредете го.
Глазура: на тивок оган растопете 200 г црно чоколадо искршено на коцки и прелиено со 200 мл слатка павлака (внимавајте да не зоврие). Прелијте преку целиот колач и оставете го во фрижидер, најдобро преку целата ноќ. Потоа сечете и декорирајте по желба. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.