Летото не може да се замисли без убавата, црвена, сочна, мирисна и вкусна лубеница. За разлика од ова освежително овошје, фета сирењето се прави зимно време и се јаде главно во комбинација со ајвар или некој вкусен пинџур.
Секое место си има своја специфичност, а во Струмица се послужува ова ладно предјадење за кое знам дека кога ќе го пробате, ќе ве бутне од столче, исто како што ние „паднавме од столче“ кога еднаш одамна пробавме диња со пршута… – Милица
Потребни состојки: една поголема зрела лубеница и 3-4 парчиња овчо фета сирење. Постапка: лубеницата исчистете ја и добро изладете ја во фрижидер. Сирењето извадете го од саламура и издробете го на парчиња.
Фета сирењето можете директно да го наросите врз лубеницата, но може да се послужат и одвоено, па секој сам да си комбинира и да си земе колку што сака. Важно е сирењето и лубеницата да бидат добро изладени.
Обично се јадат за вечера или кога не сте многу гладни (за мезе). Имав среќа да налетам на добро познатото Беровско сирење. Таму овците пасат најквалитетна, ароматична, мирисна трева.
Беровското сирење има статус на најквалитетно сирење во регионот и навистина е превкусно, но, ако не можете да најдете вакво сирење од Берово, добро ќе се искомбинира кое било друго квалитетно фета сирење од продавница – Милица
За некого ова е необична комбинација, слатка лубеница – солена фета, но знаете како велат: спротивностите се привлекуваат. Пробајте и уверете се. Може во оваа комбинација да додадете и црни маслинки, предобро е.
Еве уште неколку добри комбинации: црно грозје (или може и бело) со сирење или кашкавал и ореви; диња, пиперка и сирење, диња и пршута, лубеница, сирење и пиперка, какво било грозје и сирење/ Сооlinarika.com А зошто слатките овошја треба да се комбинираат со малку сол, прочитајте во продолжение на текстот:
Ако сакате лубеницата да ви биде уште послатка – посолете ја!
Интернетот е преполн со секакви трикчиња, а многумина од нив всушност даваат резултати, иако звучат малку чудно. Најчесто, популарните lifestyle блогери ви нудат по некој штос со кој ќе ви се олесни готвењето, за одржување на домаќинството и воопшто за работите околу домот, пишува НМД.мк
Слаткарката Никол Вестон од Лос Анџелес тврди дека солта и омиленото овошје се навистина добитна комбинација, иако самата помисла на тоа е малку е необична и чудна.
„Признавам, бев скептична кога првпат насолив парче лубеница. Во тоа време мојот пријател инсистираше дека мора да пробам, тврдејќи дека така, на овој начин таа е уште послатка. Пробав и беше во право – навистина е подобра кога е насолена“ – напишала таа.
Експертите тврдат дека умерено насолената лубеница е одлична закуска, и дека е многу глупаво да не се проба овој совет. Имено, солта и дава многу поинтензивен вкус на лубеницата, бидејќи креира солено – слаткаст контраст, овозможувајќи на блажината да дојде до израз, а воедно поттикнува производство на плунка, што повторно, ова овошје го прави посочно.
Сепак, бидете внимателни – премногу сол нема да даде добар ефект. Доволно е прстофат сол да распоредите рамномерно по парчето лубеница која планирате да ја изедете за вечера, појадок или закуска.