ЛИСНАТИ ЖУ ЖУ ПОГАЧИЦИ…Едноставни, евтини, а сепак многу, многу вкусни! Рецепт на Маки. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

-500 мл млеко
-1 коцка свеж квасец
-1 лажица шеќер
-2 лажици сол
-2 жолчки
-800-900 грама брашно
-250 грама маргарин

ПОСТАПКА:

Во топлото млеко растворете го квасецот со шеќерот и малку брашно, па оставете го да ферментира 10-тина минути. Потоа додајте ги жолчките и солта, па започнете постепено да го додавате брашното и замесете средно меко тесто. Оставете го покриено 30 минути да се удвои во волумен.

На набрашнета работна површина развлечете го тестото во голем правоаголник и изрендајте го целиот маргарин (од фрижидерот).

Преклопете ја левата третина од тестото кон средината, десната третина исто, па долниот и горниот дел. Распоредете го со оклагијата и уште еднаш развлечете го целото во кора со дебелина од еден-два прста.

Се сече на мали коцки 3×3 см и се редат во намастен плех. Премачкајте ги одозгора со јајце и посипете со сусам. Се пече во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат.