Овие лиснати стапчиња со богат вкус на сирење се вистинско уживање за секоја пригода. Крцкави, мирисни и со совршена текстура, тие се лесни за подготовка, а еднаш кога ќе ги пробате, ќе станат редовен дел од вашето мени.
Совршени за појадок, ужина или забава, овие стапчиња ќе ги воодушеват сите љубители на лиснато тесто, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки
За тестото:
– 500-550 г брашно (тип 400, меко)
– 15 г свеж квасец
– 1 лажичка шеќер
– 100 мл топла вода
– 200 мл топло млеко
– 50 мл масло
– 1 лажичка сол
– НМД
За филот:
– 200 г сирење
– 1 белка
– 1 цело јајце
За премачкување на тестото:
– 125 г путер или маргарин (омекнат на собна температура)
За премачкување на стапчињата:
– 1 жолчка
– 1 лажица млеко
– сусам и ленено семе (за посипување)


Постапка
1. Во сад измешајте го квасецот, шеќерот, 1-2 лажици брашно (одвоени од вкупната количина) и топлата вода. Оставете ја смесата да отстои околу 10 минути за да се активира квасецот и да се создаде пена.
2. Додајте го топлото млеко и маслото, па измешајте. Постепено додавајте 500-550 г брашно и солта. Месете додека да добиете меко и нелепливо тесто.
3. Покријте го тестото и оставете го на топло место околу 40 минути или додека да го удвои волуменот.
4. Во меѓувреме, подгответе го филот: сирењето издробете го со виљушка и измешајте го со едно цело јајце и една белка. Жолчката сочувајте ја за премачкување.
5. Стасаното тесто истресете го на лесно набрашнета површина и кратко премесете го. Развлечете го во кора со дебелина од околу 5 мм и направете 6-7 засеци во облик на зраци од сонце.
6. Средишниот дел од кората премачкајте го со една петтина од путерот. Преклопете едно парче, па и него премачкајте го со путер.
Продолжете со преклопување и премачкување на останатите парчиња, користејќи го целиот путер, освен за последното парче, кое не се премачкува.
7. Формирајте топка од тестото и оставете ја да отстои под кеса 10 минути.
8. Потоа, тестото посипете го со малку брашно, притиснете го со дланки за да почне да се развлекува, па со оклагија формирајте правоаголна кора со дебелина од околу 1 см.
9. На средината распоредете го филот од сирење. Преклопете ги левите и десните краеви од кората за околу 1 см за да го задржите филот, па преклопете ја од едната и од другата страна.
10. Лесно развлечете го добиениот правоаголник со раце, а потоа со оклагија. Исечете стапчиња со широчина од околу 2 см.
11. Секое стапче земете го со двете раце, малку издолжете го и свиткајте го спирално, како да цедите крпа.
12. Наредете ги стапчињата во плех обложен со хартија за печење, покријте ги и оставете ги кратко да отстојат додека се загрева рерната.
13. Измешајте ја жолчката со една лажица млеко, премачкајте ги стапчињата и посипете ги со сусам и ленено семе.

14. Печете во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути или додека стапчињата не добијат убава златна боја.
Уживајте во овие вкусни лиснати стапчиња, топли или ладни, со омилениот пијалак или салата! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:





































