Многу вкусни печива, филот може да се менува, а вкусни се како и да ги послужите.

Потребни состојки:

400 мл вода
200 мл јогурт
40 г свеж квасец или 10 г сув квасец
1 лажица шеќер
2 рамни лажици сол
50 мл масло
околу 1 кг брашно тип 400
250 г путер или маргарин
1 жолчка за премачкување

за фил:

може по ваша желба, а во недостиг од идеја:
200 г ситно сирење
2 лажици кисела павлака

II дел:

100 мл кечап помешан до доматен сос
150 г пилешка салама
150 г кашкавал
мешавина од зачини за пица или ориано или зачини што вие си ги сакате

Постапка:

Во топла вода додадете квасец и шеќер, па промешајте.
Потоа додавајте постепено околу 300-400 г брашно и повторно промешајте за да се соедини.
Додадете јогурт на собна температура, сол, половина од маслото и уште малку брашно, па мешајте со лажица.
Постепено додавајте брашно и замесете малку лепливо тесто. Од еден килограм брашно ќе ви останат околу 100 грама.

Потоа прелијте го тестото со масло и уште малку премесете го, па прекријте го со крпа и оставете го еден час да одмори и да ја удвои својата величина.

Потоа ставете го путерот во замрзнувач.
Нараснатото тесто лесно премесете го и поделете го на приближно 8 делови.

Секој дел обликувајте го во кора. Путерот поделете го на 7 дела: 6 еднакви и седмиот дел за да го премачкаме плехот, а потоа да го растопиме и одозгора да ги премачкаме полжавчињата.

Од четири кори се прави еден ролат, што значи дека вкупно ќе добиеме два ролата. Сите четири кори се развлекуваат со оклагија во круг (околу 20 см). Се ренда маргарин врз првиот круг, се поклопува со втор, путер, кора, путер и на крај четвртиот круг.

Малку се притиска со рака па се развлекува во правоаголна форма. Се мати сирењето со павлаката и се посолува по потреба. Се премачкува врз кората.

Се витка ролат, со нож се сечат полжавите и се редат во намастениот плех.
Се растопува преостанатиот путер, малку се лади, се додава жолчка, се мати и се премачкуваат полжавите.
Се оставаат околу 5 минути, па се вклучува рерната на 200 степени. Додека киснат полжавите, ги редиме преостанатите 4 дела од тестото и го рендаме путерот.

Се повторува постапката, кората се развлекува во правоаголна форма, па се премачкува со кечапот или некоја ваша мешавина, се ренда шунка или салама, кашкавал и се наросува зачинска мешавина. Повторно се витка ролат и се сече со нож, а полжавите се редат во намастен плех.

Рерната е добро загреана па ставаме да се пече првата тура, а за тоа време се премачкуваат полжавите од втората тура и ги оставаме да киснат. Печењето трае околу 20 минути.
Печените полжави може да се послужат топли или солени.