Крцкава и мека истовремено, декоративна, вкусна… пробајте!
Потребни состојки:
1 кг (+100 г) брашно
1 лажичка прашок за печиво
1 коцка (40 г) свеж квасец
200 мл млеко
200 мл јогурт
200 мл вода
100 мл масло
2 лажички сол
2 лажички шеќер
За премачкување:
200 г путер
200 г крем сирење (или некој друг, кремаст што се мачка)
1 лажичка сол
И уште:
1 жолчка
4-5 лажици масло
сусам
Постапка:
Во 200 мл млако млеко ставете една лажичка шеќер, лажичка брашно и издробете го квасецот. Убаво промешајте за да се раствори, па оставете на топло додека да се активира и запени.
За тоа време, 1 кг брашно просејте го и помешајте го со прашокот за печиво.
Јогуртот, водата и маслото затоплете ги да бидат млаки, па истурете ги во сад за месење. Додадете шеќер и сол, активираниот квасец и постепено додавајте брашно, па замесете меко тесто.
Тестото покријте го и оставете го на топло место, најдобро во затворена рерна, додека да го удвои својот волумен, околу половина час.
Омекнатиот путер измешајте го со крем сирењето (втора варијанта е тестото да се премачка само со крем сирење и одозгора да се изренда путер.
Работната површина набрашнете ја, па со оклагија развлечете го тестото во кора со дебелина од половина прст и димензии околу 60х40 см. Исечете ги краевие ако се нерамни. Целата површина од кората премачкајте ја со мешавината од путер и крем сирење. Потоа исечете го тестото на ленти, по ширина. Јас добив осум ленти со ширина од околу 7 см.
Тепсијата (32 см) обложете ја со хартија за печење. Свиткајте една лента и поставете ја во центарот на плехот.
Потоа земајте лента по лента и редете ги по ред, на крајот од претходната лента (значи само првата лента е свиткана, потоа само се пренесуваат лентите и се “лепат” во круг).
Можеби ќе ви се види неуредно, но не грижете се, кога ќе се испече ништо не се забележува.
Свитканиот полжав премачкајте го со жолчка измешана со малку масло, па наросете сусам. Ставете во загреана рерна да се пече додека да зарумени, на 180 степени (или можеби времето и температурата е најдобро да ги прилагодите според вашата рерна).
Идејата за редење на питата ја видов од интернет, стануваше збор за голема цимет ролна, но јас сакав да направам солена пита за роденденот на сестра ми. Затоа мерката е голема зошто бевме повеќе луѓе, инаку полжавот може да се направи и од половина состојки и да се реди во помал плех.