Леден, меден десерт со крем од ванила!

Потребни состојки:

3 белки

3 супени лажици шеќер

3 супени лажици брашно

За фил од јагоди:

500 г исчистени и изгмечени јагоди

3-4 лажици шеќер (зависи колку слатко сакате да ви биде)

200 мл вода или сок од јагоди

2 кесички прелив за торти – црвен (ако немате може и обичен)

За КРЕМ:

500 мл млеко

3 жолчки

2 цели јајца

1 ванилин шеќер

2 до врв полни супени лажици брашно

3 супени лажици шеќер

1 ампула арома од ванила (2 мл)

125 г путер / маргарин

За украсување: хопла (слатка павлака или шлаг) и јагоди

Постапка:

Белките со миксер изматете ги во цврст снег, па постепено додавајте шеќер и матете додека да се растопи. Потоа со лажица постепено додадете го брашното.

Во намастен и набрашнет плех со величина 20х30 см распоредете смеса од белки и печете 10-тина минути во загреана рерна на 180 степени.

Извадете од рерна и изладете. Бисквитот не го вадете од плехот!

Јагодите изгмечете ги, не мора многу ситно, промешајте со шеќер и потоа додадете прелив за торти кој сте го разматиле во 200 мл вода. Ставете на оган додека смесата да зоврие, а потоа тргнете на страна и оставете некоја минута. Прелијте преку изладениот бисквит и оставете целосно да се стегне и излади.

Јајцата, жолчките, шеќерот и ванилин шеќерот добро изматете ги а потоа додадете брашно. Смесата излејте ја во зовриено млеко и варете со постојано мешање додека да згусне, исто како за пудинг.

Тргнете го кремот на страна и додадете арома од ванила. Па во врело додадете исечкан путер и добро изматете со миксер.

Изладениот крем прелијте го преку филот од јагоди и оставете неколку часови на ладно за добро да излади. Потоа украсете со шлаг и цели јагоди.