Изминативе неколку дена го правев овој десерт на неколку наврати и морам да ви кажам дека е вистинска летна фантазија. Иако неколкупати го приготвив во различни вкусови, домашните не можат да заситат и секогаш ми бараат нова тура.
Прво ја приготвив со пудинг кој има вкус на павлака, потоа со вкус на ванила, третиот пат ја правев со вкус на чоколадо, а овојпат повторно го направив чоколаден, но додадов чоколадо во парчиња. Уф, предобро беше, мора да пробате.
Овој десерт се приготвува за 5 минути, нормално, ако се одземе времето кое е потребно за ладење на пудингот. За мене е највкусно ако стварно добро се излади, па тогаш личи на сладолед, но не е неопходно.
Кремот е толку нежен, провиден, лесен.. Летната фантазија не е многу слатка, а може да ја направите и уште помалку слатка ако така ви одговара или внимавате на калориите. Следниот пат ќе ја правам со вишни, зошто таков предлог добив од домашните..
Потребни состојки: 500 мл млеко + 100 мл, 2 пудинзи со вкус по ваша желба, 4 лажици шеќер (или помалку), 10-15 г петит кекси искршени крупно, јагоди или друго овошје по желба, 200 мл слатка павлака
Постапка: најпрво се приготвува пудингот. млекото ставете го во тенџерето и додајте го шеќерот, но претходно одвојте мала количина во посебен сад за да можете да го разматите прашокот од пудингот.
Тенџерето со млекото и шеќерот ставете го на оган да се загрее, а за тоа време растворете ги двата пудинзи во малата количина која опретходно ја одвоивте. Овојпат, не го читајте упатството од кесичката, бидејќи потребно е да се свари погуст пудинг.
Кога млекото ќе зоврие, намалете ја температурата или малку потргнете го на страна тенџерето, па додајте го разматениот пудинг со постојано мешање. Вратете на оган и варете го кремот додека убаво да згусне, притоа непрекинато мешајќи.
Сварениот пудинг оставете го на страна убаво да се олади со повремено промешување за да не фати коричка (или покријте го со проѕирна фолија). На страна пенасто изматете ја слатката павлака додека да добиете шлаг.
Во изматениот шлаг додајте го целосно изладениот пудинг, целиот или пак додавајте го постепено, малку по малку додека матите со миксерот. Откако убаво ќе изматите и ќе добиете хомогена, изедначена смеса, можете да ги полните десертните чаши.
Чашите можете наизменично да ги полните со крем, сечкани јагоди и кршени бисквити или сечкано чоколадо по вкус. Завршете со крем и декорација со јагоди. Десертот пред послужување убаво изладете го.
Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.