Фото и рецепт: Емилија Бечиќ
Топло ја препорачувам за сите љубители на лешниковиот вкус, оваа баклава е дури подобра и од онаа со ореви.
Потребни состојки:
1 кг лешници
1 кг кори за баклава
250 г путер
250 мл масло
За шербет:
2 кг шеќер
2 литри вода
Постапка:
Растопете го путерот на тивок оган, така што млекото да испари, па додадете го маслото, промешајте да се изедначи, па тргнете на страна да подизлади.
Редете по две кори на дното од плехот, и двете кори премачкајте ги со маслото, па потоа наросете рамномерно мелени лешници, и се така додека да ви се потроши материјалот.
Последните две кори не ги наросувате со лешници. Последните неколку кори добро натопете ги со маслото. Најдобро е истото да се загрее, па да се прелие, за да не се виткаат корите кога ќе се прелие со шербетот.
Исечете ја баклавата и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени додека да зарумени, па намалете ја температурата на 150 степени и печете околу 1,5 час.
За шербет: 2 кг шеќер со 2 литри вода ставете да зоврие, а од моментот на зовривање нека се вари 1о-тина минути.
Пред самиот крај баклавата добро загрејте ја, односно зголемете ја температурата, а исто така и шербетот треба да е врел. Се прелива врело со врело. Оваа мерка е за голем плех.
Фото и рецепт: Емилија Бечиќ