Фото и рецепт: Александра Шуманова
Рецептот за лешник бајадерата, ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти. Рецептот е доста едноставен а добивате многу вкусна торта со вкус на бајадера. Печете една голема кора кора ја сечете на три помали и ги филувате со многу вкусен фил кој содржи лешници.
Потребни состојки:
8 јајца
8 лажици шеќер
3 лажици какао
5 лажици брашно
За фил:
250 г путер
250 г шеќер во прав
300 г бисквити
300 мл млеко
150 г лешници (мелени или сечкани по желба)
1 лажичка екстракт од ванила
За глазура:
150 мл слатка павлака
100 г чоколадо
Постапка:
Одвојте ги белките од жолчките, па пенасто изматете ги со постепено додавање на шеќерот додека тој да се растопи и да се добие цврст и сјаен снег.
Во посебен сад изматете ги жолчките додека да побелат и згуснат, па додадете го снегот од белките, просеаното брашно и какаото. Промешајте со лажица за да се соединат состојките а смесата да ја задржи пенливоста.
Излејте ја добиената смеса во плех од рерна обложен со хартија за печење и рамномерно распоредете и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени и проверете со чепкалка кога е печено.
Печената и изладена кора исечете ја за да се добијат три долгнавести, правоаголни кори, па ставете ги една врз друга и доколку е потребно, потсечете ги краевите за да бидат изедначени.
За фил: пенасто изматете го путерот омекнат на собна температура заедно со шеќерот во прав. Додадете и екстракт од ванила. Во меѓувреме лешниците кратко потпечете ги и оставете ги да се оладат. Потоа сомелете ги, искршете ги или употребете ги цели.
Млекото загрејте го да биде млако, па додадете го во мелените бисквити, промешајте и оставете да излади, па смесата соединете ја со пенасто изматениот путер и лешниците.
Доколку филот е поредок, оставете го малку во фрижидер да се стегне, па потоа филувајте ги корите. Тортата оставете ја неколку часови во фрижидер убаво да се стегне.
За глазура: загрејте ја течната павлака до пред зовривање, тргнете од оган и додадете го чоколадото искршено на коцки. Промешајте да се растопи и соедини со павлаката, па откако малку ќе излади излејте ја врз тортата. Пред послужување добро изладете ја.
Фото и рецепт: Александра Шуманова