Фантастични ледени коцки, ова е токму рецептот кој го приготвуваа нашите мајки, па добро е да се сочува од заборав. Колачот е многу вкусен и доста излегува, а кој го сака повисок, односно со поголем слој крем, може да измати уште 100 г шлаг или слатка павлака.
Потребни состојки:
6 јајца
6 лажици шеќер
6 лажици брашно
2 лажици какао
8-10 лажици врел сируп за натопување на кората
за фил:
1 литар млеко
7 лажици брашно
6 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
250 г маргарин/путер
200 г шеќер во прав
за глазура:
150 г чоколадо
2 лажици какао
2 лажици шеќер
3 лажици вода
3 лажици масло
Постапка:
Одвојте ги белките од жолчките. Белките пенасто изматете ги со миксер, па кога ќе добиете снег, додадете 6 лажици шеќер и продолжете да матите додека смесата да стане цврста и сјајна.
На крај додадете ги жолчките па уште малку изматете за да се соединат. Во смесата додадете 6 лажици брашно и 2 лажици какао. Изматете прво со шпатула а потоа завршете со миксер.
Добиената смеса излејте ја плех од рерна (или средна величина, види видео) претходно обложен со хартија за печење. Израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени. Проверете со чепкалка кога е готово.
За фил: Во пдлабок сад ставете 7 лажици брашно, 6 лажици шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер, па промешајте. Додадете 250 мл млеко па изматете убаво да нема грутчиња.
Остатокот од млекото ставете го на оган, па кога ќе зоврие додадете ја разматената смеса. Варете со постојано мешање додека да се згусне, а потоа оставете на страна целосно да излади. Од печената кора извадете ја хартијата, а потоа натопете ја со малку врел шербет (8-10 лажици или по вкус, сирупот пригответе го од еднакви делови вода и шеќер, загреано на оган додека да зоврие и да се растопи шеќерот).
На страна пенасто изматете 250 г путер со 200 г шеќер во прав. Во изматениот путер постепено додавајте го изладениот крем и со матење соединиете ги. Добиениот фил рамнемерно нанесете го врз кората и израмнете. Ставете во фрижидер додека ја приготвувате глазурата.
За глазура: во еден сад ставете 150 г чоколадо за готвење, 2 лажици какао, 3 лажици вода, 3 лажици масло и 2 лажици шеќер. Загревајте на пареа или на многу тивок оган додека да добиете мазна смеса. Оставете малку да излади па прелијте рамномерно врз колачот. Оставете убаво да се излади и стегне во фрижидер, а потоа сечете на коцки и послужете. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: